За овој рецепт,многу долго време размислував дали да го додадам во мојата низа на подготвени јадење.
И решив даго пишам, а да оставам на вас дали ќе го споделите.
Овој наш убав Македонски бисер, овој наш традиционален ручек, се подготвува на едноставен начин, а мислам дека со него се јаде најмногу леб, поготово ако е и тој топол и домашно спреман.
Јас малку се навратив во спомените, во времето кога пинџурот се печеше на пиростија
(за тие што не знаат што е пиростија, тоа е плех со округла форма, кој стои на камења)
На овој овогодишен одмор, покрај другите активности, искористив еден ден за во село и подготвив токму таков пинџур.

Вкусот каде, каде подобар од печените чушки во тава на шпорет.
Но кога немам услови, печам и во тава.
Во дополнителните слики ќе најдете печен на двата начина.
Значи откако ќе ги испечете чушките и модрите и црвените патлиџани, ставете ги во најлонска кеса и оставете ги да постојат.
Потоа излупете ги па истолчете ги по ред.
Јас кога го спремам толчен пинџурот, тргам прво од лукчето кое го толчам заедно со солта, а потоа додавам постепено пиперки и се така по ред.
Го толчам во дрвен ваган (длабок дрвен сад).
Овој пат го ставив во машина и го сомлев на поситно.
Така децата најмногу го сакаат.
Му домелив и малку лута пиперка, па го зачинив со пасиран лук и сол.
Маслото го вжештив убаво да преврие и го посипав врз пинџурот.
Ние викаме да чвркне*
Мислам дека нема поубаво посно јадење од ова. Приберете калап сирење и уживајте.
Да кажам дека вака подготвен пинџурот може да се собере во тегли и да се зовријат теглите, па имате готова зимница.
На здравје да ви е.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови