Печени компири во млеко
Мислам дека за мојата љубовна романса со компирите, можам да напишам роман. Ги сакам многу и тоа било како подготвени. Обично ги печам на хартија за печење со зачини, но овој пат решив да ги направам поинаку. Ги печев во млеко.
Компирите се мијат и лупат, но не се сечат, туку се оставаат цели. Би требало да се со иста големина, за да се испечат во исто време. Се редат во тавче за печење, се попрскуваат со малку маслиново масло, се зачинуваат со сол и бибер и се прелеваат во млеко и вода. Од горе се додава копарот.
Трикот е во тоа што се покриваат со хартија за печење која претходно е згужвана, намокрена во вода, исцедена па одвиткана. Со таа хартија за покриваат компирите и се печат во рерна загреана на 180 Целзиусови степени, додека да бидат меки од внатре.
Јас ги послужив со нафора, печени пиперки со лук и салатиче од патлиџани и кромид.
Ако сте љубител на компири, пробајте го овој начин на печење. Компирите се кремасти од внатре, заради млекото.
Лиценца: Сите права се задржани