Поголема радост за родителите, од вистината дека децата ги реализираат своите замисли, идеи, стануваат зрели личности нема.
Нашиот помал син дипломира на Економскиот факултет во Скопје, па еве за првото почестување ќе ви го презентирам овој превкусен Албански десерт.

На препорака на мојата сестра ги посетивме Поградец и Корча во Албанија и тоа 2 пати во текот на еден месец.
Воодушевени сме од гостопримливоста на домаќините, од чистотата, од прекрасните ресторани, кои нудат исклучително добра, храна, вино.....
Пачавуре го дегустирав неколку пати, кој ме импресионира со својот вкус.
Карактеристично е за подрачјето на Корча.
Се нарекува Пачавуре, поради начинот на кој се подготвува, бидејќи некако хаотично,односно расфрлано изгледа подготвувањето на десертот.
Пробав на нет да го откријам оргиналниот рецепт и најдов две верзии.
Јас ја подготвив онаа која ја вкусив и со мали измени.
Скратив на шеќерот за шербет, односно наместо 800 гр како што пишуваше ставив 650 гр.
На овај начин е многу лесно и освежително за јадење.
За нареден пат планирам кората од двата портокали комплетно цела да ја сомелам и додадам во шербетот, заедно со цедениот сок за поинтензивен вкус.

Подготовката е следна.
Прво 2 портокали ги поптопуваме во сад со вода во кој има додадено и едно лажиче сода бикарбона.
Земаме правоаголен плех од рерната и тенко го премачкуваме со путер.
Ги броиме корите.
Јас имав 17.
На дното на плехот ставив две кори.
Од останатите 15 кори формирав ружички и ги наредив во три реда по пет.
Односно, секоја кора многу лесно, без стегање прво ја набираме, а потоа од двете страни нежно ја притискаме, нека биде бушава.
Сега во сад ги ставаме 6 јајца, шеќерот и матиме со жица колку да се соединат.
Портокалите ги миеме и ја додаваме ренданата кора од нив во смесата со јајца.
Тука додаваме масло (во оргиналниот рецепт стои маслиново, кое верувајте е многу вкусно во десерти), киселото млеко, пецивото и густинот.
Со жица убаво соединуваме за да се изедначи смесата.
Со кутлача земаме од смесата и полека ја нанесуваме рамномерно врз ружите од кори.
Малку го затресуваме плехот за сегде убаво да навлезе течноста.
Одозгора расфрламе оревчиња.
Печеме во загреана рерна наа 180 с околу 30 минти.
Испеченото Пачавуре го оставаме да се лади, додека го подготвуваме шербетот од портокал.
Во касерола налеваме сок од портокал, вода и шеќер.
По желба може да се додаде и кора од портокал.
Од кога ќе зоврие вариме од 6-8 минути на умерен оган.
Веќе скоро изладеното пачавуре го сечеме на коцки и го прелеваме со изладениот шербет.
Оставаме барем 3-4 часа да се излади и убаво да се упие шербетот.
Послужуваме,а по желба додаваме и топка сладолед.
Користена е чаша од 200 мл.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани