Паста ротоло со спанаќ и сос од домати
Паста ротоло е всушност начин на виткање на листовите лазања и може да се спрема со било какво полнење по ваш вкус. Подготовката оди вака.
1. Најпрво се спрема сосот од домати. На маслиново масло кратко се пропржува сецканото лукче, па се додаваат сецканите пелати. Се пржи околу 5 мин. се зачинува, се пасира и се додава ситно сецкан босилек. Сосот се префрла во тавата во која ќе се пече тестенината.
2. За полнењето на масло се пропржува ситно сецканиот спанаќ, додека не испари целата течност, се додава урдата, пармезанот, се зачинува и на крај се додава јајцето.
3. Бешамелот се спрема стандардно. Во подлабок сад се загрева путерот, се додава брашното, се пропржува па се налева со млакото млеко и се меша додека не се направи густ сос. Се зачинува по вкус. Ќе ви биде потребно околу половина од сосот.
4. Во подлабока тава се полни вода, се загрева до вриење, се трга од оган и се додаваат листовите од лазања (еден по еден да не се преклопуваат) да постојат околу 2-3мин. додека не омекнат малку за да може да се виткаат. Околу половина кафена шоља од оваа течност додадете во сосот од домати ако ви е густ.
5. На омекнатиот лист лазања се става малку од филот, се посипува со рендан кашкавал и се витка во ролат. Ролатот се сече на половина и двете половинки со пресечените страни се ставаат во тавата со сосот. За мојата тава 23 ми беа потребни 8 листови лазања, односно 15-16 ролатчиња.
6. Секое ролатче се прелива со 1-2 лажици бешамел, рендан пармезан/кашкавал и се пече во рерна на 200Ц, додека убаво не се зацрвени.
Се надевам дека ќе ви се допадне и ќе го пробате. Наздравје нека ви е.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови