Многу ги сакам модрите патлиџани и секое јадење во кое се застапени, за мене е совршенство. Па ако додадеме и добро сирење, вкусот е загарантиран.

Подготовка:

1. Модрите патлиџани, откако добро ќе ги измиеме, ги сечеме по должина со дебелина од пола сантиметар. Ги редиме на хартија за печење, малку ги посолуваме и ги попрскуваме со маслинов зејтин. Се печат околу 15 минути на 180 степени, колку да омекнат.
2. Доматите ги лупиме и ги блендираме. На маслинов зејтин ставаме 1 чешне лук колку да ја пушти аромата и ги додаваме доматите. Можете да употребите свежи домати, замрзнати или пелати домати од конзерва. Оставаме сосот да се згусне и додаваме босилок на крајот. Се добива доматен сос околу 400 милилитри.
3. Во плехот најдолу ставаме неколку лажици доматен сос, редиме од модрите патлиџани, врз нив ставаме сечена моцарела и рендан пармезан и некое тврдо сирење. Ставаме од доматниот сос , пак редиме модри патлиџани, пак сирење и така додека се потрошат модрите патлиџани. Јас имав 4 реда од модар патлиџан. Најгоре завршуваме со сирењето.
4. Пармиџаното се запекува околу 20 минути на 180 степени додека да порумени сирењето и да испари течноста. Најдобро е пармиџаното да олади бидејќи така подобро се сечат парчиња. За тврдо сирење употребив наше македонско биено сирење. Не ставајте многу сол на модрите патлиџани бидејќи сирењата се доволно солени.

На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови