Овој пат ќе ви го претставам нашиот прекусен охридски комат во посна верзија, но секако е вкусен и може да се направи и мрсен со месо, сирење и слично.
Во нашето семејство е редовно правен, особено од баба ми и ете сега кога јас го правам се сеќавам на неа и на моето детство поминато со неа.
Во длабок сад за месење ги ставаме брашното, водата, солта, квасецот и маслото. Го месиме тестото и го оставаме да стои околу еден час додека не нарасне.
Откако ќе скисне, го делиме на два дела. Го расукуваме едниот дел од тестото, го ставаме на намрсена тава и од претходно стопениот маргарин со лажица попрскуваме на кората.
Ставаме од зајрето односно од претходно сварениот праз (ова може да биде и мрсна верзија, односно во празот да се стави јајце )
Понатаму го размесуваме и другиот дел од тестото и истото ставаме во тавата заа печење во форма на бранови. Со краевите кои претходно ги оставивме ги враќаме во внатрешната страна од плехот правејќи ги во виткана форма. Тестото го дупчиме со вилушка на сите страни. Од горе повторно посипуваме од растопениот маргарин.
Вака приготвениот комат го печеме на 240 °Ц околу 15на минути, потоа ја намалуваме печката на 200 °С се додека коматот не се оддели од долниот дел на плехот.
Откако е готов го оставаме малку да се олади, или како што велиме ние во Охрид- да си појде кај мајкаму еххе

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови