Мед од лубеница или Нардек, а најчесто кај нас наречен како Маџун, но од лубеница, а не од грозје.
Нардекот потекнува од Централна Азија.
При подготовката на медот од лубеницата, така велат и така пишува секаде, дека се зачувани сите елементи на траговите од минералите што се содржни во свежата лубеница, дека содржи многу витамин Ц, Е, Б,ПП, железо, калциум, магнезиум, фосфор, калиум и фолна киселина како и процент на пектинот.  Идеална за луѓе кои сакаат да изгубат тежина и да следат диета. Медот од лубеницата велат дека лесно се справува со проблемите на гастроинтестиналниот тракт, има корисен ефект врз бубрезите и црниот дроб, а исто така го зголемува нивото на хемоглобинот во крвта. Тој бил и многу корисен во исхраната на пациентите со карцином.
Се користи и во слаткарството, за палачинките мачкање ич не сакам да зборувам, феноменален.
Подготовката на овој мед на мене ми е иста како подготовката на Маџунот од ширата која се добива нели од грозјето. Трпение поголема и ќе го имате овој навистина сладок деликатес, а плус тоа и лековит.
- Зависно колку сакате да приготвите од овој мед ќе одвоите повеќе лубеници, ќе ги измиете и добро избришете, потоа сечете, извадете ја целата пулпа во сад, со раце или со помагалото за гмечење варен компир добро испасирајте. Ставеде во преса или обично сито, прецедете добро потоа низ газа повторно прецедете, ставете во тенџере да се вари и тоа најпрвин на посилен оган. Ќе се запенува и постојано вадете ја пената. Доколку вие оцените дека сепак не сте го процедиле убаво сокот, сега е моментот да го тргнете, ставете газата врз пресата или ситото, повторно прецедете, вратете на огнот и нека продолжи да се вари. Од почетокот не морате да го пробркувате, но откако ќе испари доволно количински, повеќе од половина, веќе треба да сте тука и постојано да мешате. Медот е готов кога со лажица ќе капнете на тацна и таа капка нема да се разлева. Соберете во стерилизирани тегли,  затворете и знам дека ќе бидете нестрпливи да отворите и да го користите, патем и да се пофалите дека имате фантастичен мед од лубеница.
Доколку сакате повеке да дознаете за Нардекот и неговата лековитост чичко Гогле обилува со многу корисни информации.
Јас досега правев од сокот од јаболката мед, од ширата, еве сега од лубеницата, што не значи дека нема да направам од диња, (ако ја убаво испасирате, се вари без шеќер на исти начин и добивате убав џем) а обавезно следна сезонаќе направам од црница и многу сакам да биде токму од црната.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани