Кромидот ситно исечкајте го и ставете го во длабоко тенџере на маслиново масло да се пржи. Кога ќе омекне, додадете го лукот претходно поминат низ преса. Пропржете кратко, па додадете го месото. Убаво иситнете го и испржете го па додадете и доматното пире да се запржи. Ставете ги доматите или претходно исечкани или цели па во пржењето иситнете ги со лажицата. Додадете виното, ситно исечканиот магдонос и зачините. Се вари околу половина час на средна температура со повремено промешување.
Во друго помало тенџере ставете го путерот да се стопи. Додадете брашното да се запржи па ставете го млекото. Мешајте енергично со жица за матење да не ви се направат грутчиња. Откако ќе зоврие и згусне, додадете ги зачините.
Доколку се случи да ви се направат грутчиња не е ништо страшно. Поминете го готовиот сос низ ситеста цедалка.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Тавата во која ќе печете премачкајте ја со путер.
На дното од тавата ставете малку од сосот со мелено месо. Наредете еден ред со листови лазања. Ставете од сосот со мелено. Следуваат листови лазања, сос со месо, врз него бешамел сос. Целата постапка ја повторовувате додека ви се потрошат состојките. Завршувате со бешамел сос и одозгора го распоредувате ренданиот кашкавал.
Печете околу 30 минути.
Лазањата е највкусна подготвена со свежи листови лазања, но доколку немате или не сте во можност да подготвите и купечките се одлична замена.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани