Уште малку време не дели од нашиот голем христијански празник. Затоа решив да го споделам овој рецепт, можеби ќе му биде од корист на некој.
Традиционално за Велигден се готви јагнешко месо и сите специјалитети од него.
Тоа за големите гурмани, а за тие како мене кои не се љубители на нив, ќе си поминеме со свинско или пилешко :)))
Кукурецот е еден од јагнешките специјалитети кои се прават од јагнешки цревца, крезли и чќембе. Постапката за нивно чистење и плетење и не е баш така едноставна, но моите свекор и свекрва, тоа одлично го умеат.
Јас овој пат користев купен, готов, сплетен кукурец.

Начинот на кој го подготвувам е следниов
Кукурецот се мие убаво и се зоврива во неколку води 2-3, а со 4 та се вари.(Значи зоврива водата, кратко проврива и се фрла.)
Во последната 4 та вода се додаваат ловоровите ливчиња и лукчиња-половина од наведените, морковите и сол по вкус. Се вари на умерен оган додека убаво се свари, со вилушка цревцата лесно да се пресечат.

Потоа се сечи на парчиња и се реди во земјена тава. Се додаваат сварените моркови, нови ловорови ливчиња и лукчиња, се налева вода - дел од таа во која се вареше, дел чиста и виното. Течноста треба да биде до половина на кукурецот. Вино и не мора, но јас го додавам за што повеќе да неутрализирам од специфичната миризба. Се става во загреана рерна уште некои 30 мин., притоа еднаш се превртуваат парчињата.

Се прави запршка.
На масло се пропржува брашното, па се додаваат двата вида пипер.
Се истура запршката во земјената тава, се зачинува по потреба сол, мешан сув зеленчук,мелен црн пипер, сувото нане и магдонос.
Се враќа во рерна уште малку додека прокрчка сосот.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани