Ох, колку ми се услади колачов! Морав да го споделам со вас!

Колачот/куглофот е вкусен, влажен, а воедно и крцкав. Вообичаено, за време на пости особено, сите овие состојки ги имам постојано во мојата кујна. Кога го обмислив рецептов не се надевав дека толку многу ќе ми се услади и допадне.
Освен тоа што е содржителен по состав, мислам дека особен шмек му дава и кората од портокал, па не ја изземајте кога ќе го подготвувате.
Инаку во однос на брзината на подготовка колачов е мери, мешај, печи, па слади се.

Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната да се загрее на 180 степени.
2. Ги мелеме бадемите и ги ставаме во еден сад.
3. Овде додаваме брусница, несечкани ореви, сечкан локум, брашно и сода бикарбона. Ги промешуваме сувите состојки, па ги додаваме влажните.
4. Додаваме масло, шеќер и оризовото млеко, кои сме ги соединиле, за да се растопи малку шеќерот во млекото.
5. Промешуваме и на крајот ја ставаме ренданата кора од портокал.
6. Калапот за куглоф го намрсуваме и набрашнуваме, па ја распоредуваме смесата.
7. Печеме во загреана рерна на 180 степени.
8. Откако ќе се излади го премачкуваме со мармалад од кајсии и го наросуваме со крокант од лешници.

Забелешка
За да не ви се залепат парченцата локум, потребно е кога ќе ги соедините сувите состојки, да проверите дали секое парченце е набрашнето. Или пак пред да ги промешате сите суви состојки, локумот извалкајте го во брашно.
Оревите не ги сечкав, ги ставив цели, така сакав, а вие насечкајте ги по ваша желба ако сакате. Мене ми се допаѓа кога цело парче орев ќе го пресечам и останува во парчето колач.
Бидејќи рерната ми беше зафатена, смесата ја оставив околу ½ час да стои пред да се пече.
Пробуваме со чепкалка дали е печен колачот, ако е сува чепкалката печен е.
Откако ќе се испече оставете го 15 минути да подизлади па извадете го од калапот. Убави парчиња се сечат откако сосема ќе се излади.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани