Крем супа од морков
- Исецкајте ја сланината на помали парчиња и ставете да се пржи додека не стане крцкава. Ставете ја во садот во кој што ќе ја приготвувате оваа свилена чорба така си ја нарекуваме. Извадете ја од садот во кој ја пржевте, а на истата маснотија ставете да се пржи кромидот, целерот и морковот кој сте ги исецкале исто така на помали коцки. Нека се пржат 6-8 мин. додека омекне кромидот. По изминатото време додадете го сецканото лукче, малку сол, бибер, промешајте и нека се допржува уште 1-2 минути. Залијте го сето ова со 4 до 5 чаши пилешки бујон, оставете на тивко да крчка, а садот делумно покријте го. Се вари се до омекнување на морковот, кога ќе го пробате не треба да крцка, туку едноставно да е меко, а тоа трае некаде од околу 20-25 мин.
- Откако е сварено, целата содржина изблендирајте ја, да добиете една убава, мазна свилена смеса. Пробајте на сол и зачинките... можете да го доовкусите (најчесто нема потреба поради додавањето на пилешкиот бујон)
- Останува да сервирате во тањирот, врз чорбата посипете од крцкавата сланина, ситно сецкан магдонос може и бибер и нека ви е слатко, а знам дека ќе ви е. Ладните денови веќе ни се на прагот, а крем чорбите за ваквото време се благодет.
НАПОМЕНА
- Најчесто во ваквите крем чорби се додава млеко и павлака за готвење, но јас не сакав да си го расипувам ама навистина преубавиот вкус со вакво додавање. Не велам дека е лошо, но природниот вкус на сите нас по дома повеке ни се допага. Некој ако сака може тоа да го направи така што откако ќе биде омекнат морковот се додава по 1/2 чаша млеко и павлака за готвење плус за декориање на крај... но верувајте дека и без нив бива, па вие како си сакате.
Чашата е од 250 мл.
- Кога приготвувам сланина која сакам да крцка секогаш додавам малку вода во садот во кој ја приготвувам прекрасно крцкава е.
Лиценца: Сите права се задржани