- Во сад измешајте ги сите суви состојки.
- Во друг сад во кој ќе месите ставете ја водата и по малку почнете во неа да додавате во неколку наврати од мешавината брашно, мешајте со вилушка не обрнувајки внимание дека е со грутчиња - така треба да е. Откако брашното се соединило покријте го садот и оставете да стои околу 10-15 мин. на собна температура. Потоа откријте го тестото и со шпатула преклопувајте го во круг неколку пати, повторно покријте и оставете да стои 10 мин. Оваа постапка повторете ја 2-3 пати. Ќе забележите дека тестото веќе е мазно и со хомогена текстура. Повторно покријте и оставете да стасува во фрижидер најмалку 6 часа до максималните 24 часа.
- Работната површина посипете ја со брашно, истурете го тестото, без премесување веднаш со рацете направете правоаголна кора која ќе ја преклопувате со горната страна до половината од кората, долната страна преклопете ја врз преклопената горна страна - потоа од левата страна (или десна - не е битно) до средината на добиената кора - па десната страна врз целото тесто, оставете малку да постои и повторете ја постапката. Пак нека постои малку на работната маса и почнете да го влечете тестото подвиткувајки го одоздола со цел да добиете кружна форма. Откако сте го формирале, ставете на многу добро побрашнета крпа, покријте и оставете да го дуплира обемот, а тоа е некаде околу 90 мин.
- Вклучете ја рерната да се загрее на 230 степени, а во исто време ставете го садот во кој ќе го печете заедо со капакот да се загреваат.
- Откако лебот веќе е стасан, внимателно извадете го садот од рерната, преместете лебот во него, (доколку сакате исечете со жилет некои шари) поклопете со капакот и вратете назад во рерната да се пече 30 мин. потоа намалете ја температурата на 220 степени, тргнете го капакот и оставете да се допече уште 20 мин. додека на лебот не се формира убава крцкава кора.
НАПОМЕНА
Овој леб го носи името Комотен леб затоа што може да се пече истиот ден или да одлежи во фрижидерот за да се спрема наредниот ден.
Ценам дека овој тип на лебови навистина е задолжително да се печат во сад со капак. Јас печам во тенџере, а доколку некој нема капак што ќе може да оди во рерна - тогаш ставете алу-фолија која нема да ја прилепите врз тенџерето туку така малку подигната. Најчесто го спремам одвечер за да утрето го доработувам.
- Кога веќе го оформам лебот го ставам на побрашнета хартија за печење, потоа во округла корпа или сад со округла форма,сосема малку ќе го побрашнам одозгора, го покривам и оставам да стаса, а потоа лесно заедно со хартијата го ставам да се пече. Некогаш на добро побрашнета крпа и кога го ставам во загреаниот сад само го превртувам.. зависи кога како ..некогаш ќе го сечам, некогаш сам ќе напука... се значи од вашето расположение и време...

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани