Интегрални американски палачинки
Супер брз рецепт, нема утка плус трпи промени! Мојот омилен вид е тоа. Најчесто ги правам за вечера – децата ги сакаат, мене ми е едноставно да им ги подготвам, ги јадат со мед, со мармалад или без ништо, со шолја млеко или чај.
1. Подготовката е супер лесна и брза - ставаме се во еден сад и мешаме со жица колку да се изедначи смесата. Толку. Ако имате време оставете го барем 5 минути „да одмори“ (или 15 во најдобар случај) поубаво се печат потоа.
2. Јас ги печам во малата (нелеплива) тава за пржење на Делимано што е токму совршената големина за нив. Најчесто ставам по малку кокосово масло на тавата пред секоја втора, а понекогаш и пред секоја од палачинките. Ако немате кокосово употребете путер. Ова се двете варијанти кои за мене се највкусни, инаку било кое масло ќе заврши работа.
3. Печам на 6 (од 9) околу 2-3 минути од првата страна (или поточно додека да се направат дупчиња по целата површина на палачинката), а само околу 1 минутка од другата страна (може и помалку – треба само да се потпече, да добие боичка). За разлика од обичните, овие палачинки не е препорачливо да се прават на силен оган зашто се подебелки и им треба време да се испечат внатре.
4. Како и за сите теста од овој тип, препораката е да се мешаат посебно сувите, посебно влажните состојки, но јас ги мешам сите наеднаш и немам никаков проблем со структурата на тестото. Секогаш излегуваат убави, пуфкави и меки. Во оригиналниот рецепт стоеше една голема лажица сода, но сметам дека тоа е премногу и може дури и да горчи на вкус па јас од првиот пат ги правам со мало лажиче сода (рамно) и е сосем доволно.
Од оваа количина на тесто излегуваат околу 10 палачинки.
*Забелешка - Од она што јас сум експериментирала и било успешно можам да ви препорачам да додадете во тестото боровинки или аронија, било кои јаткасти плодови (мелени или по мое толчени), дополнителни зачини како мускатно оревче, ѓумбир, каранфилче. Следно сакам да пробам со кокос, а исто би пробала и со парченца чоколадо. Кога ќе дојдат на ред ќе кажам како се погодиле, хихи.
Нека ви е на здравје!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
П.С. И кај нас се редовна вечера - модифицирани според желбите и можностите :)