Е не може да не ви пишувам за лебот. Jас сум повеќе од сигурна дека ќе ви ја разбудам љубопитноста. Ако немате Квас (стартер), знам дека ќе го направите - односно убедена сум во тоа. Рецепти за Квас имате.

Одвечер пред да го приготвувате лебот, извадете го киселото тесто кое ви е веќе во фрижидерот, во поголем сад одмерете 200 гр. и освежете го додавајки уште 200 гр. брашно и 100 гр. вода. Кога ќе добиете изедначено тесто, оставете го да стои на собна температура покривајки го со влажна крпа и прозирна фолија. Нека одстои преку ноќта.
- Наутро - одвојте од квасот 200 гр. кој е потребен за замесување на лебот, а остатокот вратете во теглата и во фрижидерот. Може да стои една недела до следното подхранување и употреба.
- Киселото тесто ставете го во садот во кој ќе месите, додадете млака вода и мешајте со рака додека го растворите. Додавајте од брашното кое сте го вие избрале (јас месев со мешавина од интегрално р'жано, р'жано мелено на млин (домашно) и пшенично брашно. Замесете го тестото, кога ќе дојдете до половина од брашното кое го постепено додавате кај квасот и почнало да се формира веќе тесто - додадете ја солта. Домесете го тестото додавајки го остатокот од брашното. Покријте и оставете на топло да стасува се додека не го дуплира обемот.
- Истресете го тестото на побрашнета површина, не го размесувајте туку со рацете истенчете го тестото внимавајки притоа да не го истиснете воздухот, преклопете од сите четири страни кон средината (веќе имам појаснување за ова) да се преклопуваат страните. Свртете го преклопот да лежи надолу. Можете да го оставите вака округол или пак да го малку со рацете дооформете во векна или поделете на две помали лепчиња. Покријте и оставете да стасува околу 1/2 час, а за тоа време вклучете рерната на 200 степени. Ставете да се пече околу 30 мин,. а ако се помали лепчињата тогаш времето е пократко. Можете да го печете и во сад со капак. Најпрво 20-25 мин со капак, тргнете го капакот и нека се печи уште околу 10 мин. без капак.
Кога ќе го ставите да се пече или ставете лед во рерната или вода - пареата има свој придонес при печењето, но откако ќе поминат 10 мин. од печењето, отворете рерната и извадете го садот со водата.
Напомена
- Многу пати пишував и тоа дека секогаш кога ја вклучувам рерната го ставам и плекот во кој ќе го печам да се загрева и тој, потоа само на кратко го извадам од рерната, префрлам лебот и вракам назад во рерната. Никогаш леб не печам да откако сум го формирала да го ставам веднаш во плехот во кој ќе се печи. Вака приготвен леб со Квас и вака печен секогаш ги буди чувствата и со мислите веќе сме кај нашите баби и мајки....
- При формирањето на лебот можете да си поиграте. Засечете како сакате по површината од лебот.... јас баш си играв денеска.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани