Домашни кобасици
Меѓу сите рецепти за нешто домашно, конечно се најде и рецептот за домашни кобасици. Постојат многу рецепти за домашни кобасици, ние оваа година се одлучивме за овој рецепт.
Месото можете да го сомелете или ситно да го исецкате. Ние го сецкавме. Во повеќето рецепти за домашни кобасици месото се сецка. Претпоставувам дека тоа е останато како традиција од времето кога немало машини за мелење месо.
Месото ставете го во голем сад и додадете ги зачините. Месете го зачинетото месо 15-20 минути, поклопете и оставете на ладно да одстои барем преку ноќ.
Следниот ден полнете го во цревата.
Цревата оставете ги во млака вода 10минути да омекнат пред да ги полните кобасиците.
На машинката за мелење месо извадете го ножот и мрежата и монтирајте го делот за полнење кобасици. (дополнителни фотографии)
На почетокот на цревото ставете малку масло за да можете полесно да го монтирате на делот за полнење. На крајот од цревото врзете чворче и почнете со полнење на машинката. Работете внимателно. Направете ги кобасиците густо набиени, но внимавјте да не ви испука цревото. Доколку испука, исечете го тој дел, месото вратете го во смесата и полнете од почеток.
Кобасиците правете ги со големина по ваша желба. Кога ќе ја добиете посакуваната големина, свртете ја кобасицата неколку пати. Нема потреба од чворчиња, самото црево се суши, се лепи и се стега.
Кобасиците се готови!
Доколку сакате можете да ги замрзнете или да ги димите. Постапката за ДИМЕНО МЕСО веќе ја има.
Кобасиците на главната фотографија се димени. Во дополнителни фотографии се прикажани и не димени кобасици.
Кобасиците пред упореба треба да се испржат или испечат. Доколку сакате да ги конзумирате сурови, по процесот на димење, треба да се сушат 2-3 месеци во зависнот од дебелината.
Дополнување:
- Делчето за полнење на кобасици го има по пазарите, чаршија или по нарачка кај лимар. Потребно е да ја знаете димензијата на отворот на вашата машина за мелење месо.
- Црева за кобасиците може да се најдат во скоро секоја месара. Дебелината на цревата може да биде различна, од 16мм па нагоре. Дебелината на цревата за кобасиците на фотографијата се дебелина 30мм. Цревата се продаваат на метро. За 10кг смеса, нам ни беа потребни околу 20 метри.
Пријатно јадење!
Лиценца: Сите права се задржани
како и секогаш се трудиме да приготвуваме што е можно подомашна храна. мераците ни се големи за стариот начин на готвење и старите рецепти :)
дани, кај нас секогаш е да посакаш да бидеш гостин. домашно приготвено само се наоѓа на трпеза :)