Домашен селски леб
Во ерата на нови видови лебови, јас ќе ве навртам на еден селски домашен леб. Лепче печено во рерна на дрва, а изглед и вкус како од фурна
Па намачкано со путер и наросено со буковец, ммм...милина...
Во садот во кој ќе месиме го просејуваме брашното.
На средина правиме длабнатинка и го рониме квасецот. Го додаваме шеќерот, а солта странично. Налеваме топла вода во квасецот и започнуваме со месење. Не чекаме да се активира квасецот, туку одма се меси и тоа подолго време и повремени удирања од работната маса. Тестотот треба да биде средно меко, нелепливо на раце. Го наросуваме со брашно, го покриваме тестото со повеќе памучни ткаенини-„цедила“ и го оставаме на топло место да го зголеми волуменот.
Потоа го премесуваме-„кршиме“, брзо и енергично и пак го покриваме и оставаме да стаса.
Постапката ја повторуваме уште еднаш, по извесно време откако надошло тестото.
После третото стасување го размесуваме. Јас направив три лепчиња. Двете ги печев на дрва, а едното во електрично. Се работи на побрашнета подлога.
Се местат цедилата како на фотографијата, убаво се фрла брашно, за да не дојди до лепење на тестото и се завиткува.
Се остава да надојди околу 45 мин.,зависно од топлината во просторијата од 30-45 мин..За тоа време рерната се загрева, а и тавата во која ќе се печи.
Со специјална лопата за тесто, лебот се префрлува во набрашнетата тава.
Се става да се печи на умерен оган околу 1 час, а тој во електрично на 200 околу 45мин., или секој према својата рерна.
После печење се мети со метле специјално за таа намена од брашното и се „задушува“ за да омекни кората.
На здравје!
п.с.И да додадам, од истово тесто, после првото пренесување одделува одредена количина на тесто, правам топчиња, ги премачкувам со масло и ги оставам да отстојат 20-30 мин..
Потоа ги развлекува и пржам во загреано масло.Добиваме и прекрасни мекици.Значи 2 во 1 -)))
Лиценца: Сите права се задржани
Секој леб има своја убавина, ама овој е баш леб ќе речам :-)