Овој бујон се прави од сржта на говедска коска и најубаво е ако може да набавите коска од бут. Може да се набави по касапници и пожелно е да се пресече на пола и тоа машински за да се избегнат ситни парчиња од коската.
Коската убаво се мие и се става во поголем лонец да се вари. Се налева со вода и се додава зеленчукот-морковите исчистени и цели се ставаат. Кромидот се лупи и се засекува на 4 дела, празот се чисти и се сече само на половина. Целерот се чисти и се сече на половина, а листовите и гранчињата се ставаат цели. Од како ќе зоврие по површината на лонецот се појавува пена која се одстранува затоа за да се избегне кипење треба да се внимава до првото вриење.
Лонецот се покрива со капак и се остава да вари 2-3 часа и повремено се дотура вода. Коската е варена кога од средината ќе испадне сржта и од зглобовите ќе се одвои пифтиеста маса.
Сварената коска се ваѓа од водата, а исто и зарзаватот. Супата од лонецот се процедува низ ситна цедалка и се остава да се олади. Од како ќе се олади се добива пифтиеста маса која се дели во чашки од 200гр и може да се замрзне, па по потреба да се користи за сосови, разни гулаши, тави....
Зеленчукот кој се вари со коската може да се искористи и со дел од чорбата да се свари супа која е многу погодна за зимските месеци.
Супата е појака, помрсна, но затоа е многу здрава, а јас варев сега во недостаток на бујон затоа што некако летово сосовите повеке ги готвам како прилог.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови