Боло де роло е традиционален бразилски десерт, кој обично се премачкува со мармалад од овошје гуава. Како замена најчесто во нашиот регион користат мармалад од шипки, но јас одлучив да го премачкам со нугат крем. Многу едноставно се подготвува, а резултатот е фантастичен.
Како што малку истражував, на едно јајце оди по 50 гр шеќер, брашно и путер. Овојпат го направив со 5 јајца, но нареден пат ќе го направам со повеќе, да добијам уште слоеви.
Рерната загрејте ја на 180 степени.
Белките со половината од шеќерот изматете ги цврсто.
Путерот со жолчките и преостанатиот шеќер изматете го, да добиете кремлива смеса.
Потоа во путерот постепено додавајте од брашното и белките, матејќи со најмала брзина. Смесата е густа и треба да се премачкува врз хартијата. Поделете ја на три дела. На хартија врз плехот тенко премачкајте ја третината од смесата.
Ставете го плехот во загреаната рерна и печете 5-7 минути, внимавајќи да не ви изгори. После 5 минути проверете со прст дали е печено, не треба да ви се лепи на прстот.
Извадете го плехот од рерната и одма премачкајте потенко со загреан нугат крем (во микробранова на неколку секунди). Свиткајте го во ролат од потесната страна.
На плехот ставете ја другата третина од тестото, испечете, премачкајте и над него ставете го првиот ролат, па повторно завиткајте.
На крајот завршете со последниот дел од тестото. Завиткајте го целиот ролат во фолија и оставете го убаво да се излади и стегне.
Обично не се декорира одозгора, но вие направете по ваша желба.