Бела - сладоледна бурбон ванила торта
Кој е за кремаста сладоледна торта?
Доколку сакате кремаста торта со интензивен вкус на ванила, која пак можете да ја замрзнете и да имате сладоледна торта, мислам дека ова е вашиот избор.
Подготовка
Прво е најдобро да го подготвите пудингот за да има време да се лади.
1. Од млекото одвојуваме околу 150 мл и во него ги ставаме жолчките и пудинзите со ванилиниот шеќер да се разматат, а млекото го ставаме на оган. Кога ќе почне да врие ја истураме смесата со жолчки и мешаме додека кремот да се згусне. Го оставаме да се лади.
2. Путерот оставен на собна температура пенасто го матиме со шеќерот во прав. Слатката павлака ја матиме во цврст снег. Путерот го ставаме во изладениот пудинг па мешаме со миксер до хомогена смеса, а на крајот ја ставаме и слатката павлака.
3. Рерната ја вклучуваме на 160 степени. Ги матиме белките со миксер, па постепено го додаваме шеќерот. Откако ќе ги изматиме во цврст снег ги додаваме пудингот во прав, брашното и маслото. Промешуваме и на хартија за печење, која сме ја ставиле во тавче 40х30, ја истураме смесата и ја печеме околу 20-25 мин. во веќе загреаната рерна.
4. Потоа ја делиме на три дела и секој дел го премачкуваме со фил. Одозгора наросуваме со рендано бело млечно чоколадо. Ја оставаме во фрижидер да се изедначат вкусовите.
Забелешка
Додека се лади кремот, за да не ви фати коричка може да го покриете со капак или проѕирна фолија. Овој колач или торта како сакате, можете да го направите и со редови овошје по желба. Кај мене некои го сакаат овошјете некои не, па овој пат решив да ја направам вака, едноставно. Од овошје можете да си ја направите со ананас, банана, шумско овошје и сл. Можете и со ванила пудинг, ама да знаете дека бурбон ванилата и дава посебен вкус, особено ако ја спремате без овошје.
Печев во Делимано големата тава, а ја намрсив само со масло. Откако се испече веднаш со пластична шпатула полека поминав под печениот пандишпан и веднаш се одвои од тавата. Се мислев малку дали да ставам хартија за печење, бидејќи се работи за тесто од белки, ама еве и вака успешно се заврши работата.
Кога го правев кремот беше многу топло времето, а јас како и редовно брзав. Кога почнав да го ставам филот некако ми се виде течен, па го ставив малку во фрижидер да се стегне, па потоа ја филував тортата. Е сега откако ја направив, за да биде побрзо за сечење, овојпат ја ставив во замрзнувач. Прекрасно сладоледно задоволство добивме откако ја извадивме, со секое залаче одново и одново се коментираше колку е вкусна, па по сугестија на моите најмили си го доби и името.
Лиценца: Сите права се задржани