Со огромна прегратка и полно срце пред некое време татко ми ми подари стар-прастар кувар од 1973 година. Неколку дена не можев да го тргнам од раце и запрев поглед на овој десерт. По вкус феноменален, по структура убаво мекичко ронлив, абе да ти е милина да го јадеш. Засукавме ракави по дома и јас и децата, кој правеше, кој навиваше и еве го исходот. Постапката оди вака

Во подлабок сад се ставаат брашното, маргаринот (или путер-може и свинска маст), 4 жолчки-од не многу големи јајца и прсофат сол. Се замесува убаво хомогено тесто кое се остава во фрижидер или во ладна просторија да постои додека се припрема филот.

Во меѓувреме бадемите се обаруваат во вода за да може полесно да им се извади лушпата. Во друг сад на страна се матат белките со 150 гр шеќер во прав додека да се добие густ шам. Излупените бадеми се ставаат во сецко на крупно се сецкаат и се додаваат во белките.

Тестото се дели на 33 топчиња (така стоеше во оригиналниот рецепт) а може и на помалку ако сакате колачињата-писма да Ви бидат поголеми. Со сукалка се развлекува правоаголна коричка и врз неа се става по една лажичка од филот со белки. По благ притисок се затвараат краевите на тестото од сите четири страни како плик и се ставаат во плех на хартија за печење. Постапката е иста со сите топчиња. Се печат на 160-170 степени зависно од рерната 10-12 мин. Кога ќе се изладат се посипуваат со шеќер во прав...

Добар апетит

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови