Тортата е сочна, полна со фил, не многу слатка, едноставно богата и вкусна, па затоа ја одбрав да ми биде јубилеен рецепт. Со љубов направена и презентирана бидејќи тоа го заслужувате сите вие, тимот на Мои рецепти, сите посетители на оваа страна, готвачки, мои лични пријателки и другарки стекнати овде, фанови на МР како и мои виртуелни пријателки.
Ве поздравувам од срце и дружбата продолжува!!!

Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната на 200 степени да се загрее.
2. Ги двоиме белките од жолчките. Белките ги матиме заедно со шеќерот. Откако ќе се направат цврсти и се дуплираат, со лесно матење ги додаваме една по една жолчките, па потоа маслото.
3. На крајот ги додаваме какаото, брашното, пецивото и мелените бадеми. Промешуваме со шпатула или со миксер на најспора брзина.
4. Смесата ја истураме во намрсено и набрашнето тавче бр. 26 печеме во загреана рерна на 200 степени. Пробуваме со чепкалка дали е печено.
5. Го вадиме тавчето ја ладиме кратко и ја превртуваме на тањир да се излади убаво.
Печеме две вакви теста кои откако ќе се изладат ги сечеме на половина по должина. Додека се пече првото го матиме второто тесто.

За првиот фил во 200 мл млеко ги раствораме пудинзите со шеќерот. Останатото млеко го ставаме на рингла да се загрее до вриење.
Ја истураме смесата со пудинзи во млекото и мешаме со рачна маталка додека да се свари смесата и згусне. Ја тргаме на страна и го ставаме чоколадото да се растопи, а затоа време постојано мешаме.
Го оставаме кремот да се излади.
Путерот кој ни бил на собна температура го матиме заедно со шеќерот во прав, пенасто да побели. Го ставаме во изладената смеса и го соединуваме со миксер. Првиот фил ни е подготвен.

За вториот фил го ставаме на рингла шеќерот да се растопи и карамелизира. Додека се стопи шеќерот не го мешаме.
Го тргаме на страна и го ставаме путерот кој ни бил на собна температура. Промешуваме додека да се растопи. На крајот ја додаваме загреаната слатка павлака (200 мл). Враќаме кратко на рингла промешуваме и го оставаме карамелот да се излади. Треба да ни е течен и кога ќе се излади. Слатката павлака 300 мл ја матиме да се згусне. Во неа го додаваме изладениот карамел и пак матиме до соединување. Вториот фил ни е подготвен.

Првот фил го делиме на 4 дела, а вториот фил на 3 дела. Редиме кора чоколаден фил, фил од слатка павлака и така редум... четвртиот дел од чоколадниот фил го оставаме за премачкување на целата торта.
Украсуваме по желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани