Оригиналниот рецепт е преземен од друго место, но адаптиран е според состојките кои ги имав дома.

Во загреана вок тава без масло на висока температура, се потпекуваат сецкани бадеми и непечен сончоглед, само малку да заруменат и се тргаат на страна.

Во вок тава загревам маслиново масло на најжешка температура, па го снижувам до средно (ако шпоретот е до 9, го смалувам до 5) и додавам крукчиња од 3-5мм од тиквичките колку што собира во вок тавата. Се вртат на неколку минути на една па на друга страна се додека не бидат убаво испржени (10-15 мин). Се вадат во чинија покриена со салфета за да се впие мрсното и се пржи следната тура на ист начин. Не додавајте сол се уште.

Додека се пржат тиквичките, се сецкаат трите чешниња лук, нането и босилекот (тргнете неколку ливчиња на страна за декорација) заедно со рачките од шампињоните и се комбинираат со сецкање за да се добие кашаста маса (нешто како песто сос сецкан со нож). Капчињата од печурките се сецкаат на покрупни парчиња и се оставаат на страна.

Кога ќе биде готова последната тура на тиквички, се враќаат сите претходно испржени во тавата и се додава смесата од лук, нане, босилек и печурки. Посебно се додаваат и покрупно сецканите печурки. По желба може да се додаде и една лажичка вински оцет. Ова е моментот кога се додава и сол по желба, а може да се додаде и малку бибер. Комплет убаво се промешува не повеќе од 2 минути.

Се се истура на голема чинија за сервирање, доколку имате рукола може да се постели на дното на чинијата. Истурете ги бадемите и сончогледот, како и свежите ливчиња нане и босилек од горе. Декорирајте со препечен леб исечен на помали квадратчиња од страните. Супер е во комбинација со пекарски компир и бело сирење. Сликајте за инстаграм :)

Доволно е за двајца како ручек или за четворица како предјадење.

Бон апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови