Старо кравјо сирење
Во овој рецепт би сакала да го опишам начинот на кој се чува младото сирење додека преврие. Како се прави кравјото сирење е во претходниот мој рецепт.
Значи откако ќе се посоли сирењето, убаво обилно, се облепува од сите страни во сол крупна, се реди во пластични кантички.
На дното од кантето се става сол и тоа две раце.Ќе користам термини како што ги научив од свекрва ми, која е најдобар мајстор за сирење, се надевам нема да ми замерите што немам некои стручни термини.
Се редат калапите, обично по четири.Исто над нив се става сол.Тука можи да се стави хартија за печење-мрсна, за да не дојди до слепување на калапите, да бидат одвоени.Тие сами си пуштаат цвик-сурутка.Но, се зачувува и од сурутката што ја добиваме при цедењето, бидејќи на крајот ќе треба да се дополни.
Кантето се полни со неколку потсирувања.
Значи секој сир се сечи, соли и реди во кантето како што опишав.
Најгоре во кантето треба да има празен простор, околу една педа,заради превривањето.Над последниот ред со сирење се фрла сол, една рака и се дополнува со цвик.И од цвикот два прсти треба да биде празно одозгора, заради превривањето.Солилото ќе го пробаме, треба да е убаво солено, зошто солта го “држи“ сирењето, да не се расипи и сите бактерии ги уништи.Ќе ставам дополнителна фотографија, појасно ќе биде.
Се притиска со нешто тешко, сирењето не смее да биде слободно.
Се затвора убаво кантичката и се става во просторија со т.од 15-18 степени.
(А, додека се подготвува сирењето т. во просторијата е од 18-20...не смее да биде потопло зошто ќе има некој киселкаст вкус сирењето.)
Вака преврива - ферментира сирењето, најмалку 2 месеци, бидејќи е од неварено млеко.Секоја недела се отвора кантата и се проверува изгледот на солилото и сирењето.
Кога веќе преврило сирењето, станало јако, секој калап се мие под млаз вода,се реди во канта и се налева со солилото кое сме го исцедиле низ цедалка, преточиле, вели свекрва ми 2-3 пати.Сега кантата се полни до врв со сирење и солило, се затвора и се чува на ладно, спремно за користење, макар ние и пресно си го јадиме.
Малку поопширно е објаснувањево, мислам дека ќе е во корист....)))
Лиценца: Сите права се задржани