Солени сконси со кашкавал (Skones)
Многу вкусно, солено, англиско пециво е овој рецепт. Воодушевува со својата структура и вкус, а можам слободно да кажам дека за нивната подготовка не ви требаат ниту 30 минути, со се времето за печење. Значи идеални се за гости, ама одлични и за појадок, со што може да се подготват и од вечер.
Подготовка
1. Сувите состојки ги мериме и ги ставаме во еден сад. Го ставаме ладниот путер исечкан на мали коцки.
2. Почнуваме да мешаме односно да го втрлуваме путерот во сувите состојки како би добиле трошкасто тесто.
3. Потоа го ставаме наренданиот кашкавал, го промешуваме во смесата и на крајот замесуваме тесто со млекото. Не го месиме многу само колку да формираме топка која ја развлекуваме на набрашнета површина со оклагија, да ни биде со дебелина од околу 2 см, а може и пониска.
4. Вадиме форми со калапче и ги ставаме во намрсено тавче или на хартија за печење.
5. Врз секое ставаме ситно рендан кашкавал и сусам. Ги печеме во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 мин. со вентилатор.
Забелешка
Од оваа доза излегуваат околу 25-30 парчиња, а калапчето кое го користев е со пречник од 5 см.
Пред да ги печете можете да ги премачкате и со јајце, па да го ставите ренданиот кашкавал и сусамот. Можете и ништо одозгора да не ставате, подеднакво се вкусни.
Одлични се со кисело млеко или јогурт.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани