Снежна торта (без печење) (200ти рецепт)
Стигнав и до мојот двестотти рецепт кој одлучив да го одбележам со оваа наизглед снежна торта, во овој зимски месец, месец во кој славам роденден, кој треба да има снег, а нема. Па се уште е зима нели?
Дружењето овде ми започна спонтано, без да знам дека ќе наидам на место на гурманско дружење, каде ќе здобијам нови знаења и уште побитно, нови пријатели. Ме интересираат секаков тип на рецепти, а овде тоа го наоѓам.
Тортава е едноставна за подготовка и многу убава за јадење, а рецептот е на една драга Лилјана од Битола, која е љубител и познавач на готвењето, на која и се заблагодарувам од срце.
1. Прашокот за шлагот се става во поголем сад (најдобро во росвајно тенџере) бидејќи ќе има поголем волумен кога ќе се измати. Се става и киселата вода која треба да е ладна, но да не е од фрижидер, се мати првин со помала брзина за да не се разлета прашокот, а потоа на силно додека убаво да се измати и се добие значителна количина на шлаг пена. Шлагот се дели на 3 дела во 3 исти садови.
2. Бисквитите претходно искршени на поситно, се мешаат со мелените ореви и се додаваат во првиот сад со шлаг. Се меша и изедначува убаво и ова ќе биде основата на тортата. Во чинија каде ќе стои тортата од оваа смеса со шпатула се формира круг, одприлика со пречник околу 26 см.
3. Чоколадото се ренда покрупно, се меша со мелените ореви и румот и ова сето се додава во вториот сад со шлаг. Се меша и изедначува убаво и се нанесува врз првиот дел на тортата.
4. Во третиот сад со шлаг не се додава ништо, тој ќе биде трет слој, а воедно и ,,шлаг на тортата,,. Се распоредува најгоре со рамномерно измазнување и од него се остава малку за декорација со шприц. Дополнително за декорација ставив гумени бомбони во форма на малини, а секако изборот е по желба.
Тортата се чува во фрижидер и најдобро е да отстои 2-3 часа за да се спојат вкусовите. Пробајте ја оваа снежна и многу нежна торта, може да си додадете и други состојки по вкус (лешници, бадеми, бело млечно чоколадо ...).
Им благодарам на сите во тимот на Мои Рецепти што постојат и на сите кои несебично ги споделуваат своите рецепти и со тоа придонесуваат оваа страна да постои. Одиме понатаму!
Лиценца: Сите права се задржани