Растворете го квасецот во топлото млеко, ставете 1 лажичка шеќер и 1 лажица брашно. Оставете да стаса.
Во длабок сад просејте го брашното, додадете шеќерот, путерот, јајцата и солта. Откако квасецот ќе стаса, додадете го и него и замесете меко и нелепливо тесто. Во зависност од брашното може ќе треба да додадете сосема малку млеко. Јас некогаш додавам околу 1-2 лажици, а некогаш оваа количина на течност е доволна. Значи, тестото треба да е меко и нелепливо.
Измесете го тестото убаво, околу 10-тина минути. Ставете го во садот, покријте со крпа и оставете убаво да стаса, додека го дуплира волуменот.
Префрлете го на работната површина и премесете го кратко. Расукајте кора со дебелина нешто помалку од 1см, премачкајте ја со путерот и одозгора наросете го шеќерот, циметот, па на крај мелените ореви. Свиткајте во ролат. Префрлете го ролатот на хартија за печење.
Со ножици сечете во косина парчиња со дебелина од 1см, но не ги сечете до крај. Првото парче го поставувате право, вертикално. Второто парче го префрлате на лево, третото на десно и четвртото го поставувате помеѓу второто и третото парче (види слика). Исто така продолжувате со сечење и редење на останатите парчиња.
Префрлете ја погачата заедно со хартијата во плех за печење. Покријте со крпа и оставете да стаса.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.
Погачата премачкајте ја со изматено јајце и ставете да се печи. Првите 10мин. се печи на 200 па потоа ја намалете ја температурата на 180 степени и продолжете со печење уште 15мин. По потреба за време на печењето, покријте ја погачата со фолија за да не ви изгори одозгора.

Филот можете по желба да го измените...премачкајте со мармалад, чоколаден крем или фил од мак. Како и да е, ќе добиете многу вкусна и мека слатка погача.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани