Одличен спој на вкусови, значи не се надевав дека толку ќе ни се допадне.
За празникот на манастирот Свети Никола во с. Љубанци присуствувавме на литургија, а по службата монашкото сестринство имаше подготвено скромна, а сепак богата посна трпеза. Оваа превкусна салата на мојот сопруг многу му се допадна и веднаш беше пласирана на домашното мени за посни денови кога се јаде и риба.
Инаку има и една анегдота во врска со салатава, прв пат кога ја пробаа некои членови од семејството кои постат, со огромни прашалници во погледите, ме опоменаа со дискретен тон дека сум направила салата во која имало месо. Е до толку беше вкусна!

Подготовката на оваа салата е стандардна
Ги вариме компирите и морковите. Ситно ги сечкаме краставичките, морковите и лупените и изладените компири. Ги додаваме мајонезот, грашокот и туната, од која сме го процедиле маслото. Ги додаваме зачините, промешуваме и ја оставаме во фрижидер за да се спојат вкусовите, ама да ви кажам може и веднаш да се јаде.

Забелешка
Со зачините направете си ја по вкус, направете и ја густината исто по вкус, зависи и од мајонезот кој го ставаме, дали е домашен или купен.
Уште додека е во конзерва туната, бидејќи користиме туна во парчиња, со вилушка поминете низ туната за да се направат поситни парчиња и убаво да се распореди низ салатата.
Компирите треба да ни бидат сосема изладени кога ќе ги сечкаме.
Од количината на овие состојки излегува околу 2,5 кг салата, затоа прилагодете си ги мерките доколку сакате помала количина.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани