Резанци во сос и тартуфи
Благодарејќи на еден мој другар, пасиониран собирач на печурки, имам среќа да ги пробам скоро сите печурки кои ги има во нашите краишта. Кога пред една недела се јави, пресреќен тој, а потоа и ние, и кажа дека нашол тартуфи, мораше под итно да се собереме и да ги дегустираме.
За тартуфот велат дека е и печурка и зачин. Велат дека е и афродизијак, ама високата цена која ја има на пазарот, велат дека одела и до 4000 евра за кг. мислам дека е најголемиот афродизијак. Во секој случај, интензивниот мирис кој го шири е интересно да се осети, да се вкуси.
Резанците јас ги направив домашни, со по 1 јајце и 100 гр. брашно за човек. Се варат во посолена вода, ама да се внимава да не се преварат.
На малку путер се запржува ситно исечканото кромитче и лукче, се додава ситно исечканата пршута и откако малку ќе продинста, се става брашното, малку се запржува и се тура виното постојано мешајќи. Кога ќе се згусти, ставете го топеното сирење да се растопат, зачинете со малку мешан сув зачин, ставете доста бибер и сосот измешајте го со резанците.
Додека е уште топло, одозгора нарендајте ги тартуфите... служете веднаш...
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови