Пита со спанаќ и кашкавал
Пред некој ден слична ваква пита пробав во една од поголемите пекари во градов и искрено се воодушевив од вкусот. Подготовката е следна
1. Во поголем сад за месење, ставете го просеаното брашно, сол и масло. Во друг сад на страна со малку топла вода 2-3 лажички брашно и шеќер активирајте го квасецот. Оставете да нарасне 10-тина мин.
2. Активираниот квасец додајте го во садот за месење и со преостанатата топла вода замесете средно меко тесто. Тестото поделете го на две половини (едната поголема за долната кора на питата и едната помала за горната кора.) Покријте ги со најлонска фолија и оставете го тестото да омекне 15- мин.
3. Од поголемото парче тесто, со сукало, развлечете кора со дебелина од 5-7 мм. Премачкајте ја со половина од путерот. Со нож или соодветна алатка за пица, засечете ја кората на 8 дела од надвор кон средината но не до крај.* Начин за постапката има во дополнителните фотографии. Потоа секој дел, еден врз друг, преклопувајте ги кон средината и повторно ќе добиете топка од тесто. Истата постапка повторете ја и со помалото парче тесто.
4. Во меѓувреме подгответе го филот. Во сад измешајте ги обарениот спанаќ и ренданиот кашкавал. Проценете дали ќе додадете сол, зависно од кашкавалот кој го користите.
5. Дното на тава бр 28, премачкајте го со путер. Поголемото парче тесто повторно расукајте го во кора која ќе биде поголема од тавата. Врз кората рамномерно нанесете го филот. На крај колку што можете потенко, исукајте го парчето тесто за горната кора од питата. Набрано и во *фалти* нанесете го врз филот. Со краевите од долната кора, кои излегуваа од тавата, формирајте ја витката на питата, за при печење да не истече филот.
6. Оставете ја питата да нарасне 15 мин, додека се загрева рерната. Печете на 200 степени околу 30 мин додека да зарумени. Пред послужување, оставете убаво да се излади.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Ke ja probam
Nesto slicno na zelnik, no so podebeli kori i poinakov fil, i sekako zelnikot ne smee da kisne, treba da e tanok i rastresit