Имав урда и инчуни да се дотрошат, па решив да направам полнење за едноставно тесто за стасувана пита. Урда и тиквички е класика, ама инчуните ги вметнав и дадоа одличен шмек на целата пита.

Подготовка

1. Тесто - Во сад со малку од млаката вода растворете го квасецот и шеќерот. Во садот во кој ќе месите ставете го растворениот квасец, маслото, солта и преостанатата вода. Постепено додавајте го брашното и замесете помеко нелепливо тесто. Покријте го садот со најлонска фолија и оставете да стасува 2 часа.

2. Во меѓувреме спремете го полнењето. Во тава на оган ставете малку маслиново масло. Додајте го чешнето лук, малку притиснато со нож, и инчуните. Оставете на среде оган да се пропржат додека инчуните целосно се распаднат. Со лажица иситнете го и лукот. Додајте ја тиквичката исечена на тенки листови. Кратко пропржете и претурете во длабок сад. Додајте ја урдата и убаво измешајте.

3, Стасаното тесто поделете го на 2 дела. Расукајте го едниот дел во кора, која ќе ја префрлите во округол калап(26цм) премачкан со масло. Нанесете го полнењето. Расукајте кора и од другата половина од тестото и нанесете ја врз полнењето. Формирајте витки, така што ќе ги споите краевите од двете кори. Премачкајте ја питата со масло и површината избоцкајте ја со вилушка. Печете на 200 степени, 25-30 минути.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани