Печена скуша
Скушата е риба која е подеднакво убава кога е припремена и на скара и испечена во рерна. И во двата случаи може да ја искористите горенаведената смеса за нејзино зачинување.
1. На рибата отстранете и ги главата и перките и излупете и ја кожата.Потоа пресечете ја по должина и убаво исчистете го делот каде што се наоѓаат внатрешните органи. Под нив ќе забележите една темна ципа мезентера, која ги обвивала. Одстранете ја бидејќи знае и да горчи. Исто така има и крвен сад со згрутчена крв, исчистете го и него со помош на остар нож.
Измијте ги половинките под млаз вода и ставете ги во садот во кој ќе ги печите.
2. Исецкајте ги магдоносот со се гранчиња и лукот. Ставете ги во подлабок сад и најпрво додадете им го зејтинот. Промешајте убаво, но не ставајте некоја преголема количина, бидејќи на тој начин рибата станува тешка за јадење. Ова од искуство го знам. Смесата треба да свети од зејтинот и да забележите дека ливчињата магдонос и лукот се слепуваат.
Потоа ставете буковец, црвен пипер, сол, вегета, јаболков оцет и бело вино. Измешајте убаво. Ако немате јаболков оцет можете да го замените со вински или алкохолен 4% оцет. Но,сепак со оцет од јаболка комбинацијата е најубава.
3. Вака подготвената смеса распоредете ја подеднакво врз шестте половинки скуша. Затворете го садот со алуминиумска фолија и печете околу 1 час во претходно загреана рерна на 200 степени.
Може да печете и во незагреана рерна, со што се разбира времето на печење ќе биде пролонгирано. На 10 минути пред крајот доколку сакате тргнете ја фолијата и печете ја рибата отворена, но јас лично скоро и да не ја користам оваа опција.
Сервирајте по две половинки (1 цела риба) со цел лимон. Вака подготвената риба навистина бара киселост, особено ако сте ставиле малку повеќе зејтин.
Добар апетит!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Со оглед на тоа што рибава се спрема на едноставен начин,немаш црногорски изговори.Магдонос да по вкус оди тоа,обично кога ја печеме на скара и јас ја правам смесата со помалку магдонос,бидејќи тогаш свеж се јаде и има поинтензивен вкус