Овие колачиња можете да ги најдете под две имиња,мермерни колачиња или мечкина шепа.
По кое и да ги направите, нема да згрешите. Преубавки и вкусни. Секоја година спремам полно колачиња, разни видови, па ги комбинирам и ги пакувам како подарок. Многу пријатели ми се благодарни за тоа, пред се за мојот труд, да се касне нешто домашно приготвено. Оваа година и овие колачиња беа дел од новодишните ќеси, па ајде да ви ја споделам постапката на истите. Не одземаат многу време, а домот ќе ви го направат преубаво миризлив. Ајде да почнеме,нека се чувствува празничната магија.

Подготовка:

1. Во сад ставаме просеано брашно. Додаваме ладен путер, едно јајце, темен шеќер и прстофат сол.
Месиме убаво тесто, малку потешко се замесува заради тврдиот путер. На работната маса, ја растегнуваме најлонската фолија. Сукаме врз неа.
2. Од тестото вадиме едно парче кое го расукуваме на долга лента. (како на сликите) Од останатото тесто земаме мали парчиња и правиме долги ленти сукајќи ги на рака. Тие ленти ги валкаме во мешавината која ја спремивме претходно.
3. За смесата е потребно - 2 лажичиња цимет цејлон, 2 лажичиња какао, 1 лажиче шеќер во прав и едно лажиче темен шеќер.
4. Валканите лентички ги редиме врз расуканата кора. Јас ставив 5 лентички, па полека со помош на најлонската фолија на која ја расукав кората, завиткувам во ролат. Така зароланите колачи ги стегнувам од двете крајни страни и ги ставам во фрижидер да се изладат.
5. После 30 минути ги вадам ролатите, па ги сечам на парченца, како на сликата. Ги редам на хартија за печење и печам во загреана рерна. Не печам долго, штом малку пожолтуваат веднаш ги вадиме.
Оставам да изладат во тавата па ги собирам во кутија.
Нека почнат празниците, нека почне магијата, среќни празници милички.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови