Се' уште не можам да им се изначудам и изнајадам на мафините колку се вкусни. Полни со боровинки, но избалансирани со крцкава кора од шеќер...ахх. Има неколку чекорчиња малце невообичаени но прават огромна разлика... 12 мафини отидоа у два денаа... веќе сум на втора тура... што да кажам повеќе
Пригответе ги состојките по следниот редослед и ќе биде се' лесно, перфектно и превкусно
*Извадете две јајца од фрижидер сега, треба да бидат на собна температура за после*
*загрејте ја рерната на 205°С*
Кафеав Путер
》125г путер
Ставете го путерот во мало длабоко тавче на средно висок оган. Овој чекор е најбитен бидекји намногу вкус дава, но многу брзо може да се утне. Промешувајте често со жица. Ќе почне путерот да си прави балончиња. Како што мешате, константно веќе, ќе забележите како менува боја путерот. Од како ќе смени боја, продолжете со мешање и кога ќе почувствувате неверојатен јаткаст мирис. Тргнете го путерот од рингла. Веднаш префрлете го во мал длабок сад за да се прекине процесот и да почне да се лади. Ќе ни треба после за смесата.
За крцкавата кора:
》65г брашно
》40г кафеав шеќер
》пола лажичка цимет
》3-4 лажици стопен путер
Ставете ги сите суви состојки во мал длабок сад, промешајте, па додадете го путерот. Со виљушка ќе ја измешате смесата да се соедини потоа со прсти ќе си помогнете да направите грутки. Покријте ја смесата и ставете ја во фрижидер да се зацврсне дури не сте спремни за печење.
Сувите Состојки
》250г брашно
》2 лажички пециво
》Прстофат сол
Измешајте ги во длабок сад
Мокрите Состојки
》кафеавиот путер (125г)
》200г шеќер
》2 големи јајца, на собна температура (ако не се, ставете ги под жешка вода малце)
》115мл млеко
》1 лажичка ванила
Оладениот кафеав путер ставете го во длабок сад, додадете го шеќерот и почнете да мешате со миксер. Кога ќе се соединат, додадете ги јајцата, едно по едно. Следно додадете млеко и ванила. Кога е убаво измешана смесата, земете дрвена лажица и постепено додавајте ја сувата смеса. Подгответе ги боровинките како што пишува на следниот чекор и нежно промешајте.
Боровинките
》300г тазе или замрзнати боровинки (јас користев замрзнати)
》две лажици брашно
Во длабок сад измешајте ги боровинките со брашното (брашното помага да не паднат боровинките до доле)
Додадете ги во смесата на крај. (Бидекји се замрзнати, смесата ќе изгледа виолетова, но не се секирајте, после печење бојата скроз избледува).
Во плех за 12 големи мафини подготвена со корпички, поделете ја смесата и наполнете ги калапите до горе. Сега извадете ја смесата што ви стој во фрижидер и наросете ги мафините со грутките. (Може ќе ви остане вишок смеса но таман зачувајте за втора тура)
Се печат одприлика 25 минути, но проверувајте ги од кај 23 минути. *никогаш не ја отварајте рерната во првите 10 до 15 минути бидекји ќе паднат мафините)
Извадете и уживајте
Ве чекам да ги пробате и да кажете дали сте пробале поубав мафин. 

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови