Каков несекојдневен рецепт изнајдов! Не можев, а да не го споделам...
А какво изненадување ми беше вкусот...не можам да ви опишам! Тие што ќе решат да го пробаат ќе пресудат сами, оние другите нека уживаат во бојата, хаха.

Само да си кажам однапред дека иако прв пат го правам морав веднаш да го изменам оригиналниот рецепт кој имаше неколку нелогичности (по мое убедување), како на пример – вели 750 гр. моркови се варат, се пасираат и од нив 400 гр. се користат, а останатото се фрла или искористете го за супа? Хммм?! Зошто, не разбирам?! Епа поради ова и уште неколку вакви слични искази во оригиналната верзија, повелете во продолжение мојот (малку видоизменет) рецепт, од кој јас лично сум воодушевена!

Подготовка:

1. Најпрво излупете ги и измијте ги морковите. Од нив одвојте 150-200 грама, изрендајте ги на ситната страна од рендето и оставете ги на страна за подоцна. Останатите исецкајте ги на тркалца, па ставете ги во тенџере и налејте вода колку да ги покрие. Варете додека не омекнат доволно, за да може да се пасираат (јас не ги преварив бидејќи пасирав со рачен блендер, но ако пасирате со рачна преса ќе мора малку подолго да ги варите за да си олесните.) Пред да ги пасирате исцедете ги убаво од водата.
2.  Добиеното пире од пасирани моркови помешајте го со ренданите моркови и со шеќерот и ставете го во тенџере на оган кратко да се вари, колку да се растопи шеќерот, да испари вишокот вода и малку да се омекнат ренданите моркови. Додека варите мешајте постојано, бидејќи смесата е прилично густа и може лесно да загори. Варењето треба да биде прилично кратко – околу 10 - 15 минути – проценете сами според густината на смесата. Во последните 2-3 минути од варењето додајте го сокот од лимон и кората и ако сакате може ванила или цимет, за да добиете малку поинаков шмек. Пробајте го на вкус, зашто во зависност од блажината на морковот може да треба да додадете уште шеќер. Потоа доварете уште некоја минута, за да ја добиете посакуваната густина. Бојата треба да остане убава портокалова. 3. Теглите ги наполнив додека беше врел мармаладот и ги ставив дополнително да зовријат во тенџере со вода за убаво да се затворат. На изглед дефинитивно потсеќа на мармалад од кајсии, а по мене има и нешто во вкусот што асоцира на истиот. Пробајте навистина е лесен за правење, а интересен (дека од морков) за јадење!

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови