Превкусен ручек, топло ви го препорачувам. Идејата за да се направи ваква лазања без кромид, лук, беше на син ми. И навистина добра излезе, превкусна.

Подготовка:

1.Најпрво го правиме црвениот сос-Болоњезе. Го пропржуваме месото на плитка мрснотија. Го зачинуваме со сол, мешан зеленчук, мелен црн пипер. Убаво динстаме, додека не испари водичката, што ќе ја испушти, па го додаваме и доматното пире, убаво нека искрчка и на крај ориганото и босилекот. Тргаме од оган.

2.За бешамелот го растопуваме путерот со маслото, со постојано мешање, па го додаваме брашното и сол и пржиме додека порумени. Го налеваме млекото и енергично мешаме со жица, за да не се направат грутчиња. Сосот го вариме, додека ја добие потребната густина, не треба да биде ни премногу редок, ни премногу густ. Зачинуваме со мелен црн пипер и морско оревче. Оставаме настрана малку да се подизлади, па ја додаваме киселата павлака и мешаме да се соедини.

3.Кога ни се готови сосовите одиме на редење на лазањата. Тавата ја премачкуваме со путер, ставаме малку од бешамелот, па од корите за лазања, кај мене беа по 4 во ред, а имаше 5 реда. Над корите бешамел, па болоњезе сос, па рендан кашкавал. Се повторува постапката уште 3 пати, а на петтиот ред кори, само бешамел и кашкавал.

4.Тавата се обликува со алу фолија и оди на печење во загреана рерна на 200 степени и така се пече околу 40 мин., па се трга фолијата и уште 10-15 мин, додека порумени одозгора.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани