Koлач со маскарпоне и јаболка
Во сад за матење изматет ги јајцата и со постепено додавање на шеќерот матете додека шеќерот убаво не се растопи и не добиете кремаста смеа.
Доадете го маскарпонето и повторно матете до кремаста смеса.
Брашното просејте го низ сито и во него измешајте го прашокот за пециво.
Доадавајте го со лажица, не престанувајќи да мешате со миксерот со мала брзина во спори широки кругови со што ќе избегнете згрутчување на смесата.
Пред да почнете да го додавате брашното смесата е поприлично густа и додавањето и мешањето бараат маааааааалку трпение.
Но вреди.
И од повеќе вреди.
Од кога ќе ја додадете последната лажица брашно миксајте уште најмалку 5 минути, постепено зголемувајќи ја брзината на миксерот, односно додека не добиете глатка, кремаста смеса, без грутчиња.
Излупете две јаболка.
Сечете ги на коцки и додавајте ги во претходно приготвената смеа.
Кога ќе ги додадете сите јаболка со силиконска шпатула убаво и полека промешајте ја смесата до моментот додека сите коцки јаболка не бидат убаво обвиени со течниот дел од смесата.
Немојте да ги лупите и сечете јаболката пред да започнете со приготвување на рецептот, посебно ако саметате дека ќе би треба малку повеќе време за приготвување на смесата до моментот додека не дојдат на ред јаболката.
Навидум банално ама е многу значајно да јаболката и за во смесата и за од горе останат што посочни до почетокот на печењето.
Е стигнавме до моментот каде ја увидов мојата последна грешка.
До сега секогаш сум го печел колачот во округол капап за печење обложен со хартија за печење, а сега одлучив да го печам во округло нелепливо тавче за печење.
Јас имам среќа што имам можност да ги употребувам садовите на Делимано.
Јас ги употребувам нивните садови посебно секогаш кога мислам дека се битни и пресудни за уште подобро јадење. Ред е да и ги споменам ако ништо друго барем како напомена каков.
И овој пат и покрај тоа што го знам квалитет на тоа тавче и совршената нелепливост, јас сепак дилетантски одлучив да го премачкам со путер и да наросам малку брашно да не се случи сепак малку да се подзалепи колачот. Тоа го направив само затоа што се пече релативно долго и на висока температура, а и во него нема мрсна состојка (путер, зејтин...) која доста помага во нелепење кај вакви колачи.
И не се залепи стварно ама мешавината од путер и брашно со која го подмачкав тавчето побрзо стига до горење од тоа што смесата стига до потребното печење. Резултат на то беше тоа што долната страна имаше маааааалку подзагорен вкус.
Значи нема подмачкување, нема набрашнување ако користите тавче какво што користев јас туку само истурете ја готовата смеса со јаболка во него.
Изедначете ја смесата со шпатула и со нежни протресувања на тавчето.
Излупете ги преостанатите три јаболка.
Исечете ги на половини и потоа секоја половина на кришки. Наредете ги кришките во кругови од надвор кон центарот. Имајте резерва некое јаболко зошто апсолутно е неприфатливо да не ви стасаат да ја прекриете целата смеса во тавчето. Наросете цимет преку наредените кришки јаболка и ставе го тавчето во рерна на средна висина.
Печете 20тина минути на 180 степени со вентилатор и уште 20тина минути на 150 степени без вентилатор.
Доколку шпоретот нема вентилатор печете 40тина минути на околу 160-170 степени.
И во двата случаи пожелна е честа проверка без отварање на рерната за да случајно не подизгорат горните кришки јаболка. Секако нив исечете ги малку подебели зошто умешноста кај овој колач е совршената комбинација од доволно испечено брачно во смесата без пресушена сочност на јаболката.
Кога горната страна од колачот ќе добие убаво златна боја извадете го тавчето од рерна.
Оставете го колачот да се излади 5-6 минути и внимателно префрлете го на убава, платнена, кујнска крпа на дрвена кујнска даска.
Посипете го обилно со шеќер во прав и оставете го 20тина минути да здивне и да се стегне до потребната конзистенција.
Сервирајте го со насмевка и позитивна мисла, а ако не вие него тогаш тој вас така ќе ве сервира.
На здравје.
* колку подобро маскарпоне толку подобар колач ама ве уверувам и знам дека со секое кое може да се најде кај нас може да испадне фантастичен колач
* мислам дека сум употребил 4 или 5 вида јаболка до сега ама овие се совршените, Јонатан
* јас имав кафеав шеќер овој пат, па таков употребив. му даде на колачот убава доза на карамелест вкус, таман толку колку треба за да го усоврши, но обичен шеќер е и прекудоволен за одличен колач со тоа што ако сакате да е помалку сладок може и само 200 грама обичен шеќер
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Значи како инспирација за понатаму.