Рецепт од мојата мајка, по кој веќе втора година, го подготвуваме и јас и мојата сестра. Ја продолжуваме традицијата за Велигден.

Подготовка:

1. Квасецот го ставаме во чаша со едно лажиче шеќер, две лажици брашно и млако млеко. Оставаме да се активира.
2. Во длабок сад ги кршиме јајцата. Јас користев селски јајца кои беа помали и ставив три. Со вилушка нежно ги разматуваме. Додаваме шеќер, ванилин шеќер, прстофат сол, масло и млако млеко. Се додава дел од брашно и  се замесува. Додаваме активиран квасец и постепено го додаваме брашното да се замеси тесто. Се додава и пециво. Месиме. Постепено го додаваме растопениот путер. Месиме. Тестото го префрламе на набрашнета површина, го месиме и го удираме од маса 50 пати. Го ставаме во сад, покриваме со крпа и оставаме да нарасне еден и пол час.
3. Тестото повторно го премесуваме и го оставаме да нарасне уште еден и пол час.
4. Потоа го ставаме на набрашнета работна површина и го делиме на 6 делови. Јас од оваа количина направив 2 козињаци, еден во вид на венец во кружен калап со дијаметар од 26цм и една плетенка во калап за леб долг 26цм. Така што три дела беа поголеми, а останатите помали.
5. Секој дел од тестото го роламе во долга тенка трака, ставаме во неа суво грозје и повторно го роламе. Трите траки ги спојуваме на едниот крај, плетеме плетенка.
6. Во средината на кружниот калап ставаме чаша обложена со алуминиумска фолија. Подолгата плетенка ја ставаме околу чашата. Втората помала плетенка ја ставаме во правоаголен калап за леб. Оставаме да нарасне козињакот.
7. Јајцето го матиме со вилушка. Го премачкуваме козињакот и го посипуваме со ванилен шеќер. Печеме во загреана рерна на 160 степени, 15 минути, потоа ја намалуваме на 150 степени, го покриваме со алуминиумска фолија и печеме уште 45 минути.
8. Откако ќе го извадиме жежок, може да се премачка со шеќер растопен во вода.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани