Зелник со праз
Доколку би морала да одберам само едно омилено јадење, тоа дефинитивно ќе биде зелник со праз. Состојките се добро познати, а начинот на подготовка варира по малку. Ова е начинот на кој мене ми е најлесно и највкусно.
Подготовка
1. Квасецот го мешаме со 300мл млака вода и шеќер и го оставаме 15тина минути. Во подлабок сад го мешаме брашното со солта. Ја додаваме водата со квасецот и замесуваме тесто. Ако е премногу тврдо тестото, додаваме уште малку вода. Кога е убаво обработено, го ставаме тестото во намрсен длабок сад и покриваме со најлонска фолија. Го оставаме да стасува 1-2 часа.
2. Празот го миеме, чистиме и го сецкаме ситно. Во тава на оган ставаме масло (да биде покриено дното) да се загрее. Го додаваме празот и ја намалуваме температурата. Јас го сакам празот убаво испржен, стопен. Времето на готвење варира зависно од празот и количината, но отрпилика е 20 минути. При крај, додавам сол, мешам добро и тргам од оган.
3. Стасаното тесто го делиме на 10 еднакви делови од кои формираме топчиња. Седум топчиња се за горната кора, останатите три за долната. Секое топче го расукуваме во коричка со дијаметар отрпилика 25цм, го премачкуваме со маргарин и врз него го ставаме наредното. Седмата коричка не ја премачкуваме со маргарин. Истото го правиме и со топчињата за долната кора, на третата кора не ставаме маргарин.
4. Прво ја расукуваме поголемата, долната кора. Треба да биде за 15-20цм поголема од тавчето во кое ќе печеме. Јас печам во тавче 34цм. Ја ставаме кората врз тавчето, ја местиме убаво по ќошевите, а краевите нека висат нанадвор (како на сликата). Во средишниот дел го додаваме филот. Ја расукуваме и горната кора. Треба да има дијаметар колку тавчето во кое ќе печеме. Ја ставаме кората врз филот, а потоа делот што виси од тавчето го виткаме навнатре и делумно ја покриваме горната кора.
5. Оставаме да стасува уште 30тина минути. За тоа време загрејте ја рерната на 220 степени. Пред печење, премачкајте го горниот дел со стопен маргарин. Печете на 220 степени 15-20 минути, потоа намалете ја температурата на 200 степени и печете уште 10-15 минути. Штом ќе го извадите од рерна, попрскајте со малку водичка и покријте го со крпа. На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани