Едноставни мантии со една кора
Мантии правам првпат во животов. Како што очекував, тоа е на некој начин мазник во залачиња. Прекрасно јадење, според вкусот многу познато во македонската кујна како мазник, а оригинално под името мантии го прават во Босна и Херцеговина. Во нивната подготовка, после печење, мантиите ги прелеваат со кисело млеко и прелив од лук и ги враќаат да се потпечат. Според мене лично, нема потреба од прелив, затоа и ги направив вака.
Постапката е едноставна и брза. Јас употребив двојна количина од напишаната, оформив едно тесто кое го поделив на 2 дела, од едниот дел исукав мазник, а од другиот ги направив мантиите.
Замесете тесто со брашното, водата и солта. Ако ви е многу лепливо, додадете сосема малку брашно и обратно, ако е тврдо, додадете малку вода иако сметам дека нема да има потреба ни за едното ни за другото. Јас го оставам да ми е сосема малку лепливо на крајот и ставам на дланката 1 лажица масло, го премачкувам тестото и го домесувам уште малку. Лепливоста исчезнува, а тестото останува меко.
На набрашнета површина, ставете го тестото и оформете топка. Веднаш раширете ја топката со помош на сукало во кора со дебелина од 5-6 мм (големина колку пица).
Одозгора премачкајте ја кората убаво со масло и покријте ја со најлонска фолија. Оставете да постои 30тина минути за да се впие маслото во тестото за потоа да можи да ја тегните кората.
Во меѓувреме подгответе го зајрето. Запржете го исецканиот кромид и додадете го меленото месо. Пржете десетина минути и на крај додадете сол и црн бибер по вкус.
Потоа, земете еден памучен чаршав и постелете го на масата. Земете ја кората со рацете и внимателно префрлете ја на чаршавот. Почете да ја тегните со прстите. Ќе видите дека тестото станало еластично и лесно се тегни. Тегнењето претворете го во игра и ширете го во круг од сите страни. Обично кога ќе почни да станува прозрачно, тоа е максимумот на тегнењето. Треба да добиете тенка кора со големина над 1 метар квадратен, а сте започнале со круг со дијаметар од 20 цм.
Попрскајте ја целата кора прво со мешавината од масло и растопен путер, а зајрето распоредете го по крајот на кората како на сликата.
Потоа, од едната страна подигнете го чаршавот и почнете да ја замотувате кората. Повторете од сите страни и мотајте кон внатрешноста. Пресечете ја потоа кората на средина, домотајте ја и исечете мали ролнички од по 6-7 цм. Завиткајте ги на краевите и редете ги во нелепливо тавче за печење. Користев делимано коперлукс кружна тава 24. Премачкајте одозгора со миксот од масло и путер и ставете да се печат на 200 степени околу половина час или додека не поруменат.
После печење, попрскајте ги со вода и покријте ги на кратко со кујнска крпа.
Мантиите се лапни голтни, одма ги излапавме.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови