Домашни њоки
Прекрасни, воздушести, нежни. Далеку повкусни од оние кои се продаваат во маркетите.
Работете ги со љубов и успехот е неизбежен. Никако не додавајте плус брашно и покрај тоа што тестото можеби ќе биде лепливо. Колку повеќе содржат брашно, толку повеќе ќе бидат гумени, тврди.
И не го заменувајте путерот со масло, бидејќи магијата е во путерот.
Подготовка:
1.Во касерола се ставаат компирите, на коцки исечени, да се варат во вода. Штом се готови, водата се истура, се оставаат да се просушат и да се подизладат.. Потоа се пасираат убаво.
2.Се додава јајце, путер и половина количина на брашно. И брзо замесете тесто. Имајте на ум дека тестото од компир прилично се лепи , па затоа треба постојано да се посипува со брашно. Но, колку подолго месите, толку повеќе брашното ќе го впие тестото, а њоките може да бидат цврсти, што не е добро. Затоа, штом можете да формирате топка од замесеното тесто, престанете да месите.
3.Топката поделете ја на помали парчиња, од кои на набрашнета маса, ќе развлечете долги траки со дебелина на палецот. Потоа со нож исечете ги овие траките на парчиња.
4.Секое парче обликувајте го со лесно набрашнета дланка, а потоа лизгајте го топчето со палецот преку вилушка или ребреста даска - на овој начин њоките ќе бидат помеки и подобро ќе го впијат сосот. Готовите њоки наредете ги на благо набрашнета површина, да не се залепат.
5.Во поголем сад ставете вода, во која ќе додадете малку сол и една лажица-две масло. Кога водата ќе зоврие, спуштете ги њоките внатре (во неколку наврати за да не се преварат и залепат!) И варете ги додека не излезат на површина. Веднаш извадете ги од водата со шуплива лажица, за да се исцеди водата и ставете ги во подмачкан сад. Чувајте ги на топло до употреба.
*Забелешка - Њоките, најчесто се прилог за гулаш. Но, тие се исто толку добри и со други сосови! Секако, можете да додадете и малку рендано сирење. Њоките се прават од стари, а не од млади компири! Вака подготвени може да се наредат на благо побрашнет послужавник, да се стават во замрзнувач, а после неколку часа да се соберат во чисти кесенца и да се чуваат во замрзнувач до употреба.
Јас така постапив, да имам готови при рака , кога сум во трка со време.
Лиценца: Сите права се задржани
Vistinski uzivavme vo vkusot