Во ладните есенски или зимски денови, или пак при настинка, нема ништо подобро од топла пилешка супа.
Докажано е дека пилешката супа лекува од настинка, бидејќи кога пилешкото месо се готви, протеинот цистеин се пренесува во супата. Протеинот, меѓу другото, има антиинфламаторно дејство и на тој начин може да ви помогне брзо да оздравите.
Секој си има свој рецепт за оваа супа, па еве како јас ја подготвувам...

Пилешкото месо измијте го под млаз ладна вода и ставете го во тенџере. Зеленчукот исечкајте го на крупни парчиња и него ставете во тенџерето. Налејте околу 2л ладна вода, додадете биберот и ловорот и ставете да се вари на средна температура. Откако ќе зоврие, доколку се прави пена на површината, извадете ја со помош на мала цедалка. Варете додека месото убаво да омекне (околу 1 час).

Извадете го месото и тргнете на страна. Супата процедете ја. Зеленчукот можете да го исечкате ситно и да го искористите повторно во супата, но и не морате. Сите хранливи состојки од него веќе се во супата.

Месото исчистете го од коските и кожата, и исечкајте го. Ставете ја процедената супа повторно да се загрева, насолете на вкус. Јас сечкам дополнително два моркови на ситни парченца и ги ставам во супата. Оставете да врие на тивко неколку минути па додадете месото и фидето. Се вари на тивко 5-10 минути и на крај се додава цечканиот магдонос.

Доколку сакате, можете да додадете и јајце во супата. Јајцето изматете го со вилушка, додадете 1/2 лажиче оцет и 1 кутлача од супата, мешајте за цело време енергично. Додадете го ова во супата постепено и притоа за цело време мешајте ја супата. Вратете на оган уште некоја минута да вари па додадете го сечканиот магдонос.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани