Видео рецепт: Селска торта
Фичо ќе направи едноставен десерт, со домашен пудинг крем, ореви и чоколадо.
Подготовка
Чекор 1: Млекото ставете го во сад и загрејте го да проврие заедно со шеќерот. Во друг сад растворете го густинот со водата. Јајцата изматете ги додека да добиете еднолична смеса. Соединете ги јајцата со густинот и измешајте повторно. Смесата со јајца додадете ја на млекото што врие. Мешајте додека да се добие густ крем и тргнете го од рингла. Оставете го да се олади.
Чекор 2: Слатката павлака изматете ја додека да добиете цврст крем. Додадете ја матената слатка павлака на оладениот крем со јајца. Убаво измешајте да се соединат.
Чекор 3: Сувото грозје прелејте го со рум и оставете го да го впие румот. Со сецко измелете ги оревите.
Чекор 4: Кремот поделете го на два дела. Во првиот дел додадете го сувото грозје, темното чоколадо и 40 грама од мелените ореви. Во вториот дел од кремот не додавајте ништо.
Чекор 5: Пандишпанот натопете го со сок од јаболка или праска, па редете: пандишпан, темен крем, пандишпан, светол крем. На крај посипете со мелени ореви.
Чекор 6: Сервирајте во чаша со црпалка за сладолед, или пак сечете класични парчиња торта! Прелијте со чоколаден прелив.
СОВЕТ: Ако сакате да направите домашен пандишпан, погледнете како го прави Фичо во видеото.