Модар патлиџан
Модриот патлиџан или бринџал, е многу нискокалоричен зеленчук кој има исклучително здрави хранливи карактеристики – одлична вест за луѓето кои се во битка со вишокот килограми. Овој зеленчук кај нас е познат под името модар патлиџан.
Ботанички, тој припаѓа во фамилијата solanaceae и научно е именуван како solanum melongena. Ова повеќегодишно растение потекнува од индискиот потконтинент, а сега расте во голем број тропски и суптропски региони.
Неколку различни видови модри патлиџани се одгледуваат низ целиот свет. Во зависност од сортата, постојат значителни варијации во големината, формата и бојата. Главно, овој зеленчук спаѓа во две пошироки категории – овален или издолжен.
Растението достигнува височина од околу еден метар за брзо време и раѓа голем број сјајни плодови. Секој плод има мазна и сјајна лушпа. Внатре има пулпа со нечиста бела боја, со бројни, централно распоредени, мали и меки семки. Плодовите обично се берат кога ќе созреат, но пред да достигнат полна зрелост.
Здравествени придобивки од модриот патлиџан
- Модриот патлиџан содржи многу малку калории и масти, но е богат со растворливи растителни влакна. Во 100 грама има само 24 калории, но приближно 9 проценти од дневните потреби за растителни влакна.
- Научните истражувања на Институтот за биологија на Државниот универзитет на Сао Паоло, Бразил, покажале дека модриот патлиџан е доста ефективен во третманот на високите нивоа на холестерол во крвта.
- Модриот патлиџан содржи солидни количини од повеќе есенцијални групи витамини од Б-комплексот, како што се: пантотенска киселина (витамин Б5), пиридоксин (витамин Б6), тиамин (витамин Б1) и ниацин (витамин Б3). Овие витамини се клучни во смисла на тоа што телото мора да ги добие од надворешни извори и се неопходни за метаболизацијата на масти, протеини и јаглехидрати.
- Тој исто така е одличен извор на минерали, како што се: манган, бакар, железо и калиум. Манганот се користи како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Калиумот е важен внатреклеточен електролит кој помага во поништување на ефектите на натриумот поврзани со хипертензијата.
- Лушпата (од темно сина до виолетова) на модрите патлиџани содржи значителни количини од феноло-флавоидните фитохемикалии наречени антоцијанини. Научните истражувања покажаа дека овие антиоксиданси имаат потенцијални здравствени ефекти во заштитата од ракот, стареењето, воспаленија и невролошки заболувања.
Избор и складирање
Свежите модри патлиџани ги има во продавниците во текот на целата година. Ќе ги најдете во повеќе видови, во најразлични големини, форми и бои. Одберете ги оние што се цврсти, изгледаат здраво и имаат сјајна боја, а кога ќе ги земете в рака се чинат тешки. Погледнете ги лисјата. Доколку се дебели, цврсти и зелени, тогаш и плодовите се свежи.
Избегнувајте ги модрите патлиџани со набори на лушпата, но и оние што се меки и имаат засеци или пукнатини. Старите и меки модри патлиџани имаат горчлив вкус. Во домот можат да се чуваат на студено место ден-два, но идеално, треба да се чуваат во фрижидер, каде што можат да останат свежи неколку дена.
Употреба во кујната
Измијте го модриот патлиџан темелно, со студена вода, пред употреба. Поткастрете ги лисјата со остар нож. Се јаде целиот плод, вклучувајќи ја и лушпата.
Совети за приготвување:
- Зачинетите парчиња модар патлиџан се одличен гарнир.
- Бринџалите, како што се главно познати во јужноазискиот регион, се користат во голем број јадења од индиската кујна. Можат да се пржат, печат, потпекуваат или да се сомелат, за приготвување на бројни рецепти.
- Во Јужна Индија, модриот патлиџан се сече на коцки и се користи за приготвување неколку рецепти со кари и ориз.
- Во медитеранските земји постои еден популарен рецепт со барен аспарагус и парчиња модар патлиџан.
- Модриот патлиџан исто така се користи и за маринирање.
- Здравствено предупредување:
- Модриот патлиџан содржи многу мала количина никотин, но повеќе од кое било друго растение што се јаде. Концентрацијата е 0,01 милиграм на 100 грама. Сепак, количината никотин што се содржи во модриот патлиџан е занемарлива и поради тоа не претставува опасност по здравјето на конзументите. Затоа, уживајте!