Веројатно се прашувате како може вашиот рецепт да стане Рецепт на Денот, или пак, на Месецот...и кои се придобивките од тоа.

МоиРецепти, заедно со Вас, почнувајќи од 01.04.2012, ги одбира најдобрите авторски рецепти на готвачите, пред сè за да можат да се истакнат најдобрите креативни решенија, меѓутоа и она што Вам најмногу ви се допаѓа.

Кои се критериумите?

1. Квалитет на фотографија
(Квалитетни фотографии – изглед и презентација - направени од авторот на рецептот ќе бидат највисоко оценувани. Предност имаат оние фотографии каде што рецептот е прикажан сервиран во чинија. Употребата на неавторски фотографии не е дозволена.)
2. Иновативност на рецептот
(Под иновативност подразбираме иновативно користење на различни состојки, како и сопствен придонес на рецепти од други извори. На пример, одреден сопствен начин на комбинирање на состојките, додавање/менување на некои сопствени состојки, поинаков начин на готвење и сл.)
3. Број на лајк-ови
(Бројот на лајкови (like) на самиот рецепт на moirecepti.mk од каде што ќе можете да го промовирате вашиот рецепт. Секој лајк се брои, но е само еден од критериумите за избор на вашиот рецепт меѓу најдобрите)
4. Број на рецепти од готвачот
(Бројот на рецепти, како и нивниот квалитет, ќе бидат основа за избор на готвач на месецот и вредната награда која следи)

Значи, за да може рецептот да влезе во изборот за најдобрите рецепти, МОРА да има сопствена фотографија, да има авторски елемент, односно ако се работи за употребен рецепт од одреден извор, да има сопствен придонес од готвачот. Значаен е и бројот на лајкови (like) од останатите корисници на МоиРецепти, но и вкупниот ангажман на готвачот.

Кога и како се одбираат најдобрите рецепти?

1. Рецепт на Денот

Се одбира секој ден од месецот. Овој рецепт ќе биде прикажан наредниот ден на насловната страна на МоиРецепти и влегува во изборот за Рецепт на Месецот. Изборот на Рецептот на денот според горенаведените критериуми го врши тимот на МоиРецепти. Рецептите на денот може да ги видите тука.

2. Рецепт на Месецот

Секој месец се одбираат 5 Рецепти на месецот, според истите горенаведени критериуми. Овие готвачи добиваат ваучери во вредност од 1000 ден. за купување на Делимано производи во продажните места на Студио Модерна. Овие 5 Рецепти на месецот, влегуваат во книгата готвач „30 МоиРецепти“, која ќе се подготвува 2 пати годишно.

По завршувањето на месецот сите Рецепти на денот ќе бидат објавени во посебен албум на страницата на МоиРецепти на Facebook и таму сите ќе имаат еднаква можност да добијат број на Ми се допаѓа/Like – што ќе биде само еден од критериумите за избор. Гласањето ќе трае 7 дена, од објавувањето на Рецептите на Денот за изминатиот месец во посебен албум.

По истекот на гласањето на Фејсбук, финалниот избор на 5 Рецепти на месецот ќе го врши тимот на МоиРецепти.

МоиРецепти го задржува правото да врши промени за кои членовите ќе бидат известени со порака и преку Facebook.

Правилник на формата на рецептот

Пример:

Име на рецептот:
Пире од спанаќ

Состојки:

• 50 гр Брашно
• 400 мл Млеко
• 3 чешниња Лук
• 1кг Спанаќ
• 1 лажичка црн пипер
• 1 лажичка сол

Подготовка:
(Начинот на подготовка треба да биде прикажан во одделни чекори)

Исчистениот спанаќ убаво се мие.

Се загреваат 2 литри вода и во неа се става спанаќот, се посолува и се остава да се вари неколку минути. Потоа се цеди и се сечка ситно.

Во тенџере се загрева маст или путер, се додава брашното, исечканиот лук и убаво се меша.

Потоа се додава спанаќот и сè заедно се пропржува, се додава млекото, црниот пипер и се остава уште извесно време да се вари додека не омекне спанаќот.

Забелешка (совет):
(Напишете нешто специфично за рецептот што сте го откриле од вашето искуство, или пак некој совет на што треба да се внимава при приготвувањето).

По желба може да се изренда пармезан во чинијата при сервирањето.

Ви посакуваме многу успех и добра забава.

Инспирирајте се и создавајте!
МоиРецепти