Хранливи вредности на боровинката:

Благата, сочна боровинка е богата со природни, пигментни антиоксиданси, проантоцијанидини. Малите, сино-виолетови дудинки долго време се поврзуваат со долговечноста и општата благосостојба на домородното население во акртичките региони во северната хемисфера.

Ботанички, растението е листопадна грмушка која припаѓа на фамилијата Ericaceae, од родот Vaccinium.

Пошироко, видовите на vaccinium се класифицирани според начинот на растење, како високи и ниски грмушки.

  • Високогрмушестата боровинка (Vaccinium corymbosum) е исправена листопадна грмушка со повеќе стебла. Расте околу 3 метри во височина на фармите и дава снопови мали, кремасто-бели цветови на пролет, кои последователно, по приближно 2 месеци се претвараат во плодови. Во дивината, високогрмушестата боровинка расте на бреговите на мочуришта, езера, бари или потоци. Зајачката боровинка, (Vaccinium virgatum, исто така позната и како Vaccinium ashei) е грмушка со средна големина која природно успева во југоисточниот дел на САД.
  • Нискогрмушестата боровинка (Vaccinium angustifolium) е ниско, исправено растение, кое расте до шеесетина сантиметри во височина и се шири преку подземни ризоми. На фармите на кои се одгледува, расте како двегодишна култура, поради тоа што целото растение или се преместува или се гори, за да се овозможи потерување на нови ластари во текот на следната сезона.

Двата вида бараат добро дренажирана, песоклива, кисела почва за да успеат. Грмушката бара сончеви услови и е нетолерантна кон сенка. Вообичаено, боровинките се подготвени за берба кога бојата од зелено-розова ќе стане целосно сина, сочна и блага. Традиционално, боровинките се берат рачно и бараат многу напор. Набргу откако боровинките ќе се одделат од грмушката, се сортираат и се транспортираат до локација каде што се складираат во фрижидер.

Здравствени придобивки од боровинките:

  • Боровинката има многу ниска калорична вредност. Во 100 грама свежи боровинки има само 57 калории. Од друга страна, боровинките содржат растворливи растителни влакна, витамини, минерали и пигментни антиоксиданси кои значително придонесуваат за доброто здравје и општата благосостојба.
  • Боровинките се едно од овошјата со најголема антиоксидантска вредност. ORAC вредноста на 100 грама свежи боровинки е 5.562 ТЕ (Тролекс еквиваленти). Најголем дел од нивната антиоксидантска вредност се должи на присуството на полифенолните антоцијанидински соединенија, како што се: хлорогенската киселина, танини, мирицетин, кверцетин и кемпферол.
  • Дополнително, овие дудинки содржат и други флавоноидни антиоксиданси, како што се: бета-каротин, лутеин и зеаксантин.
  • Заедно, овие фито-хемиски соединенија во боровинките помагаат во отстранувањето на штетните оксигенски слободни радикали од телото и со тоа го штитат од рак, стареење, дегенеративни заболувања и инфекции.
  • Научните истражувања покажаа дека хлорогенската киселина во боровинките помага во намалувањето на нивото на шеќер во крвта и го контролира нивотот на гликоза во крвта, кај пациентите кои страдаат од дијабетес тип II.
  • Свежите боровинки содржат мала количина витамин Ц, витамин А и витамин Е. Заедно, овие витамини се моќни антиоксиданси растворливи во липиди, кои помагаат да се ограничат повредите во телото настанати како последица на присуството на слободните радикали.
  • Боровинките исто така содржат и мало количество витамини од Б-комплексот, како што се: ниацин, пиридоксин, фолати и пантотенска киселина. Овие витамини служат како кофактори кои му помагаат на телото при метаболизацијата на јаглехидратите, протеините и мастите.
  • Дополнително, боровинките содржат и солидна количина минерали, како што се: калиум, манган, бакар, железо и цинк. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок. Манганот се користи во телото како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Бакарот е неопходен за создавање на црвените крвни зрнца. Железото е потребно за оформување на црвените крвни зрнца.

Избор и складирање:

Свежите боровинки се достапни во продавниците во текот на целата година, поради увозот од сите континенти каде што се одгледува. Сепак, свежите диви боровинки се најквалитетни во периодот од јуни до август, кога започнува сезоната на берба во европските земји.

Во продавниците, барајте ги боровинките кои се цврсти, сочни, имаат мазна лушпа со сребренкасто-сивкаст сјај. Купувајте боровинки со изразена виолетово-сина до сино-црна боја. Избегнувајте ги меките и набрани боровинки, премногу допираните, оштетените, како и тие со знаци на мувлосување или старост.

Штом ќе стигнете дома, ставете ги во најлонска ќеса која се затвара и потоа сместете ги во фрижидер, подесен на висока релативна влажност. На овој начин боровинките ќе останат свежи до една недела.

Употреба во кујната:

Боровинките се благи и сочни и оставаат дамки од темно син пигмент на забите и јазикот. Поткастрете ги евентуално преостанатите дршки и лисја, доколку сте купиле боровинки од пазар.

Најдобри се кога ќе ги изедете свежи, откако ќе ги измиете со студена вода. Ако ги вадите од фрижидер, потопете ги во сад со вода, за да ги приспособите на собна температура и со тоа да им го збогатите вкусот. Нежно избришете ги со мека крпа или хартија и уживајте!

Совети за приготвување:

  • Традиционално, боровинките се дел од исхраната на Индијанците во Америка.
  • Свежите боровинки се јадат додека се свежи, но сувите боровинки се додаваат во супи, чорби и печени јадења со месо.
  • Боровинките се едни од најбараните дудинки за приготвување печива, пити и торти.
  • Боровинките исто така се одличен додаток за секоја овошна салата, торта со свежо овошје, сладолед, итн.
  • Исто така се користат и за приготвување сок, мармалад и џем.

Здравствено предупредување:

Боровинките понекогаш можат да предизвикаат сериозни алергиски реакции кај некои чувствителни лица. Најчесто, ваквите реакции настануваат поради мешање со алергенси од други видови овошје (јагоди), полен или пиреј.  Најчестите симптоми на алергијата на боровинка се: потекување и вцрвенување на устата, усните и јазикот, егзема, исфрлање на кожата, главоболка, растечен нос, чешање на очите, отежнато дишење, гастроинтестинални потешкотии. Лицата кои се сомневаат дека се алергични на боровинки треба да ги избегнуваат.