Основата за овој намаз се прави од урдата, фета сирењето и некоку лажици млеко. Ќе ги измешате убаво за да добиете кремаста смеса и на крај ќе додадете сецкан магдонос и мелен бибер. Потоа во сад (најдобро стаклен за да се гледаат слоевите) наредете ги различните намази, со тоа што помеѓу секој намаз ќе ставите од смесата со урда.
Рецептите за тоа како да направите зелено песто и песто од сушени домати нема да ви пишувам, бидејки на странава веќе има, само да дополнам дека зеленото песто го правев со рукола и индиски оревчиња, а во пестото од сушени домати освен сушените домати во маслиново масло, лукче и малку индиски оревчиња друго не додадов. Пастата од маслинки ќе ја направите едноставно, на маслинките ќе им ги извадите семките и ќе ги иситните со рачен блендер (ако ви е густо додадете малку маслиново масло). Ако некој од слоевите не ви е по вкус, слободно изоставете го или додадете друг кој ви се допаѓа.
Ако имате некое заостанато ситно пециво по дома (најдобро млечна кифла, ѓеврече) може да си направите и брзи домашни брускети кои ќе ги послужите со намазот. Исечете ги пецивото на тенки кругчиња и наредете го во еден слој во сад со хартија за печење. Попрскајте со маслиново масло и запечете ги во рерна 10 мин. на 180Ц за да станат крцкави. Јас друго не им додадов бидејки намазот има доволно вкусови. Вие ако сакате може да ги поминете со ½ лукче, со парче домат, да им ставите пармезан, некое топиво сиренце и сл.
На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови