Чоколадни палачинки со карамелизирани мандарини
Малку поинакви палачинки од оние што редовно ги подготвуваме. Прв пат барем јас колку што се сеќавам подготвувам палачинки со чоколадно млеко, па и со чоколадо во нив. Филот и не е дека никогаш не сум го подготвила, тоа е чоколаден ганаж, ама карамелизираните мандарини ме воодушевија во оваа комбинација на вкусови. Кој го сака вкусот на чоколадо со мандарина, мислам дека нема да им одолее.
На здравје нека ви се и уживајте во готвењето и во сервирањето, ама и во дегустацијата!
Подготовка на палачинките
1. Ги ставаме путерот и чоколадото на ниска температура да се растопат.
2. Ги матиме јајцата со шеќерот, па го додаваме млекото и соединуваме.
3. Постепено го додаваме растопеното со путер чоколадо.
4. На крајот ги додаваме брашното и чоколадниот напиток во прав, соединуваме.
Подготовка на чоколаден крем
1. Слатката павлака и млекото загревајте ги до вриење, па додадете го сечканото чоколадо.
2. Мешајте додека да се растопи.
3. Оставете го да подозлади и малку да се стегне за да може да се мачка.
Подготовка на мандарините
1. На мандарините им ја отстрануваме кората и белите жилички.
2. Го растопуваме путерот и кога ќе почне да пени го додаваме кафеавиот шеќер.
3. Мешаме додека да се растопи па ги додаваме мандарините.
4. Вриеме 2 минути додека да се загреат мандарините, па додаваме ликер. Ги тргаме на страна.
Филување
Ги премачкуваме палачинките со џем од портокал, ги преклопуваме на половина. Половината ја премачкуваме со чоколадниот крем, пак ги преклопуваме да станат четвртина. Одозгора ги ставаме карамелизираните мандарини и попрскуваме од карамелизираниот сируп во кој се готвеа мандарините. Рендаме чоколадо за декорација.
На здравје!
Забелешка
Соединувањето на состојките може да го правите со рачна маталка, миксер или пак во блендер.
Ако не ви се подготвува чоколадниот дел, слободно намачкајте си чоколаден крем.
Јас немав ликер од портокал, па користев лимонов ликер.
Лиценца: Сите права се задржани