Инспирацијата за овај десерт ја добив за една секунда. На фејсбук ми излезе слика од маче како гледа во чоколадна лазања и се подлизнува и одма отворив на интернет да побарам рецепт и за среќа веднаш најдов и ја направив, не размислував ни минута. Самото име звучи вкусно и да ми верувате дека е превкусна.

ПОДЛОГА
1. Бисквитите и колачињата (слика) ги мелеме во сецко или блендер или ако немате ставете ги во најлонче и изгмечетете ги со сукалка или некој друг предмет. Битно е да добиете трошки и ги ставаме во поголем сад заедно со какаото. Маргаринот го топиме на тивок оган и со него ги преливаме бисквитите. Смесата убаво ја измесуваме.
2. Плех со димензии 32*22 го обложуваме убаво со хартија за печење или ако имате може да користите силиконски калап. Одгоре ги ставаме бисквитите и убаво порамнуваме и стегаме со раце за да добиеме стегната подлога (слика). Ставаме во фрижидер да се стегне и продолжуваме со подготовката.

 ПРВ ФИЛ
1. Желатинот го раствараме со 5 лажици вода.
2. Крем сирењето, шеќерот и млекото ги матиме со миксер.
3. Во посебен сад ја матиме убаво слатката павлака. Ги соединуваме сирењето и слатката павлака и додаваме половина од набабрениот желатин и убаво матиме со миксер да добиеме хомогена смеса. Филот го ставаме над подлогата, убаво порамнуваме и ја враќаме лазањата во фрижидер.

ВТОР ФИЛ
1. Пудинзите ги вариме со шеќерот и млекото и пред крајот го додаваме остатокот од желатинот и матиме со жица. Тенџерето го тргаме од оган и постојано мешаме со жицата за да подолади и да не фати кора. Околу 10тина минути.
2. Го истураме пудингот над првиот фил, израмнуваме и повторно ја враќаме лазањата во фрижидер.

ТРЕТ ФИЛ
Слатката павлака ја матиме убаво со миксер, ја нанесуваме над пудингот и брановидно ја распоредуваме, не мора да биде рамно.

УКРАСУВАЊЕ
Чоколадото го рендаме или во сецко и го нанесуваме над слатката павака. Ја враќаме лазањата во фрижидер и оставаме убаво да се излади, најдобро е да преноќи во фрижидер. За чудо дома никој не ја чепна вечерта - имав писменце оставено, за да можам да ја сечам наредниот ден.

ЗАБЕЛЕШКА
Како што кажав рецептот го најдов на интернет, меѓутоа направив некои измени.
Лазањата е превкусна, кремаста и не е многу блага, баш е таман. Ви ја препорачувам на сите и се надевам ќе ја пробате.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови