Хамсили пилав, турски приморски специалитет кој исклучиво се спрема од ситна морска риба Аншоа, а јас како сум си љубопитна, спремав со риба Клен. Малку потешко ми идеше околу искостувањето, но сепак на крај сите задоволни. Доколку некој сака ваква авантура, повелете постапката.

1. Рибата исчистете ја и искостете ја (ќе ја расечете, отворете ја, засечете ја коската од 'рбетот токму кај главата, подигнете малку со ножот, повлечете ја накај опашката, ќе се извади). Посолете ја.
2. Исецкајте го и стариот и младиот кромид, додадете сецканиот морков, на зејтин пропржете за кратко, додајте го измиениот ориз, нека се пржи сето ова заедно околу 3- мин. Додајте водата, ачинете и сварете го ал-денте (недоварен). Додадете го магданосот.
3. Садот во кој ќе го спремате овој специјалитет, премачкајте со маргарин, путер или зејтин. Отворените риби во круг наредете ги во садот така што поширокиот крај од рибата (одкај главата) со кожата надолу, ќе го ставите на дното од садот, а оставете делот од опашката да е однадвор од садот. Целиот сад треба да ви биде обложен со риба покривајки го истовремено и дното од садот. Ставете го оризот врз рибата, вратете ги краевите кои висат однадвор, така ќе го затворите оризот. Премачкајте со зејтин, ставете да печете. Готов овој пилав кога рибата ке видите дека е печена.

ПОСЛУЖУВАЊЕ
Бидеки садот ви е премачкан со мрснотија, поклопете со поголема плитка чинија (зависи тоа од саиот сад) превртете го, оставете да малку олади, сечете на парчиња.

СОВЕТ
Доколку имате ситна риба и не се нервирате околу чистењето, тогаш прво наредете по дното од искостената риба, потоа редете ги една до друга, ќе добиете навистина преубав изглед.
Како повеќето кај мене дома има речна риба, не размислувам многу дека специјалитетот вели дека треба да е морска, го спремам со било која риба која нема многу ситни коски, а секогаш спремам во мали садови. Секако дека знаете да риба и ориз се одлична комбинација и имајте доверба во рецептот. Ќе заборавев да напишам дека заради промена на вкус, во оризот додавам некогаш и исецкани црни маслинки, пробајте и така, сосема одлично се вклопува.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани