Сочна штрудла (со фил од јаболка, ореви и суво грозје)
Сочна штрудла, со топло чајче, добро друштво или добра книга при рака, одлична комбинација за уживање во вкусот на овој десерт. Досега вообичаено кога сум правела штрудла со јаболка од готови кори, јаболката после рендањето не ги пржев и тој фил го ставав само на едниот крај од корите. Сега одлучив да ја направам на поинаков начин, односно со пржење на јаболката, додадов и суво грозје, цимет (во пола од филот посебно додадов и сецкани ореви), па потоа филот го распоредив врз целата кора.
Подготовка
1. Најпрво започнуваме со подготовка на филот. Јаболката ги миеме, лупиме и рендаме. Ги ставаме во сад на тивок оган, додаваме ванила, цимет и шеќер по вкус, во зависност од блажината на јаболката. Пржиме на умерена температура до испарување на течноста која ќе ја пуштат. Сега ги додаваме гризот и сувото грозје (и по желба ореви). Јас смесата ја поделив и во едниот дел додадов сецкани ореви, по мој вкус. Мешаме до соединување и тргаме настрана да се олади филот.
2. Сега ја подготвуваме смесата за премаз. Наведените состојки ги ставаме во длабок сад и миксираме до хомогенизирање.
3. Потоа корите ги распоредуваме (кај мене беа 15 кори, и ги поделив за 5 ролатчиња од по 3 кори). Може да се направат и со по 4 кори, по желба. И филот го распоредуваме на 5 дела. Сега зимаме една кора, која целосно ја премачкуваме со смесата за премаз со помош на силиконска четка, врз неа ставаме друга кора, и неа ја премачкуваме целосно, па трета кора - премачкана со смесата. Врз третата кора го распоредуваме филот со јаболка насекаде по површината и завиткуваме ролат. Постапката е иста со останатите кори.
4. Завитканите 5 ролати ги редиме во плех, одозгора ги премачкуваме со смесата за премаз, па сечеме со остар нож на парчиња со големина по желба.
5. Печеме во загреана рерна на 180 степени до заруменување (јас печев околу 45 минути).
6. После печењето, најдобро е штрудлата да олади врз решетка, па потоа посипуваме со шеќер во прав и послужуваме.
Забелешка - За посипување по вкус може да додадете кај шеќерот во прав и цимет.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
Имав некој сличен рецепт, ама во изгубените ми е